| четврток, 6 декември 2018 |

Идеален извор на витамин Ц во зимските месеци

Карфиолот (Brasica oleraceae var.botrytis) претставува зелјесто растение со пријатен деликатесен вкус. Содржи многу хранливи материи, а мали калорични вредности, односно на 100 гр хранлив дел, содржи 25 калории.

За исхрана се употребува цветот, кој е доста збиен во главица, која е премногу богата со витамин Ц. Содржи протеини, растителни масла, шеќери, минерали (калциум, калиум, фосфор, сулфур, железо). Меснатата средина на карфиолот претставува збиени цветови во облик на главица, а покрај неа се шират зелени и крупни листови. Карфиолот наменет за употреба во свежа состојба треба веднаш да се користи, бидејќи е склон на брзо расипување или гниење. Тешко е сварлив за човечкиот организам, бидејќи содржи доста целулоза, или 0,91 отсто. Карфиолот се користи во свежа состојба, смрзнат или закиселен.

karfiol-2

Бидејќи ѝ припаѓа на фамилијата зелки, условите на одгледување се доста слични во текот на целиот период на одгледување. Се засадува во различно време во годината, посебно по опасноста од доцни пролетни мразеви. Ако се засади во топли и сончеви периоди, тогаш доаѓа до пожолтување на плодот и тој има горчлив вкус.

karfiol-4

Кај нас претежно се одгледува во доцните есенски денови, кога температурата е пониска, за разлика од летниот период. Семето на карфиолот треба да биде засеано во затворени простории или леи, кои на почетокот треба да бидат доста засенчени, посебно во текот на поникнувањето, кога е и најосетлив. Расадот редовно се надгледува во текот на вегетацијата, се полива, се заштитува и се прихранува. Исто така, карфиолот е многу осетлив на недостатокот на елементот бор. Растенијата, кога ќе добијат висина од околу 15 см, односно по 3-4 недели, се засадуваат на постојано место, на растојание од околу 50 см. Пред засадувањето, се отстрануваат првите два листа кои се формирани најниско и се засадуваат на веќе подготвената површина. Карфиолот бара големи количини храна и хранливи материи во текот на вегетацијата.

karfiol-5

Во зависност од сортата на карфиолот, бербата треба да биде кога пречникот ќе достигне од 15 до 30 см или од 0,5 до 2 кг. Многу е важно бербата на карфиолот да биде пред да се отворат цветовите. Плодот е со кружна или сплескана форма. Ако пупките од цветовите бидат отворени во време на бербата, тогаш карфиолот губи од својот квалитет и вкус. Кога се бере карфиолот, коренот треба да биде отсечен што поблиску до главицата. Карфиолот стасува за берба за околу 60 дена од сеидбата на постојаното место. Пакувањето треба да биде внимателно и во соодветна амбалажа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top