Кожата е најголемиот орган кај човекот. Како што одминува времето, таа старее. За обновување на кожата, за подобрување на нејзиниот квалитет, за израмнување на плитките брчки и линии, како и за другите третмани со кои може да се подобри изгледот на кожата, разговаравме со д-р Вероника Давчева Битољану, дерматолог од естетско-дерматолошката ординација „Вивидерм“.
За што се користи третманот микродермоабразија, особено кај жените?
БИТОЉАНУ: Третманот микродермоабразија може да се користи и кај мажите и кај жените. Се користи во различни цели: за обновување на кожата, за лекување на лесни до умерени облици на акни, плитки лузни од акни или други состојби, површни хиперпигментации (дамки), последици на фотостареењето, како и за израмнување на плитките брчки и линии.
Како со овој третман ќе се подобри квалитетот на кожата, колку третмани се потребни и каква е постапката?
БИТОЉАНУ: Микродермоабразијата всушност претставува механички пилинг, односно лупење на површинските слоеви на кожата кои се изградени од веќе изумрени клетки, со помош на кристалчиња од дијаманти. Притоа, истовремено тие лушпи, односно клетки се вшмукуваат. Овој третман не е агресивен, зашто се отстрануваат само неколку површни слоеви на кожата, па така тие слоеви многу брзо се обновуваат, што значи дека треба да се повторува на секои две до четири недели, зависно од пациентот. Со отстранувањето на слоевите од мртвите клетки, всушност, клетките на кожата под нив полесно се обновуваат, а со тоа кожата добива поубав изглед, свеж, одморен, и има изедначен тен.
Освен за подобрување на квалитетот на кожата, се препорачува да се направи и за фотостареење, за редуцирање на брчките, акните и стриите. Колку пациентите се едуцирани за овој третман и колкумина сакаат да вложат во својот изглед? На која возраст е препорачливо да се започне, доколку имаат проблеми со кожата?
БИТОЉАНУ: Пациентите генерално се едуцирани за овој третман, меѓутоа многу често треба да им се појаснат некои прашања. Има интерес за овој третман затоа што не е агресивен и постапен, па му одговара за секој човек кој сака да вложи во својот изглед на долги патеки, како што е и најдобро. Токму заради тоа може да се применува кај помладите на пример, веќе од периодот на пубертетот, па нагоре, до позрелата возраст.
Третманите со дерморолери се на база на природен начин, како се одвиваат и за што се потребни?
БИТОЉАНУ: Дерморолерите се всушност валјачиња со 540 иглички со различен дијаметар, кои се користат за спроведување на мезотерапија, односно вбризгување на коктели во кожата во различни цели. Со овој дерморолер, всушност, се поминува кожата која се третира (лице, врат, стомак, деколте, космат дел од глава и др.) и се прават мали убоди до тоа ниво на кожата до кое е потребно, па се нанесуваат коктели (витамини, хијалуронска киселина, антиоксиданси, поттикнувачи на клетките на кожата, елементи во трагови и др.). Потоа се нанесува хидратантна крема. Овој третман се користи за спречување на процесот на стареење (создавање брчки и опаѓање на тонусот на кожата), но и за подобрување на изгледот на кожата, како и за отстранување на полесни хиперпигментации (дамки), намалување на порите при лекување на лесни облици на акни, спречување на дисебореа и егземи како и за отстранување на лузни и стрии. Може да се користи и против опаѓање на косата.
Интересно е дека има микроиглички, како тие влијаат на нашата кожа на лицето?
БИТОЉАНУ: Освен убодите, микроигличките, исто така, агресивно влијаат на клетките на кожата и со тоа одбранбено ги активираат, при што создаваат различни материи со кои се обновуваат. Истовремено се зголемува и создавањето на крвни садови и се подобрува исхранетоста на кожата.
За колку недели би се постигнал ефективен третман, односно би ја имале посакуваната видливост на кожата на лицето?
БИТОЉАНУ: Ефектот се постигнува зависно од возраста на пациентот, од состојбата на неговата кожа, од нејзиниот одговор, така што би рекла дека временскиот интервал за кој би се видел ефектот е индивидуален, но, еве, ако генерализирам, најчесто за три до четири третмани веќе би се видел ефект. Тоа значи по три до четири месеци, зашто третманите се прават најчесто еднаш месечно.

Третманот микродермоабразија се користи за обновување на кожата, за лекување на лесни до умерени облици на акни, плитки лузни од акни
Колку е препорачливо овие третмани да се направат во текот на летниот период?
БИТОЉАНУ: Микродермоабразијата и дерморолерот може да се прават и за време на летниот период, но мора да се избегнува сонцето и да се користат креми со висок заштитен фактор (50), посебно првите два-три дена по третманот, но и потоа да се внимава колку што е можно повеќе. Се разбира, мојот совет е да се направат најдоцна една недела пред да се оди на одмор, а би било поубаво и порано.
Важно е постојано да ја негуваме кожата, особено кожата на лицето. Како да се заштитиме во текот на летото?
БИТОЉАНУ:Најважно од сѐ е да се заштитиме од сонцето. Тоа значи во периодот од 11 часот до 16 часот воопшто да не доаѓаме во контакт со сонце, а другиот дел од денот и кога мора да сме изложени на сонце, да носиме облека во бела боја или посвежа боја коjа не привлекува сончево зрачење, шапки со голем обод, очила за сонце и се разбира, креми со висок заштитен фактор. Исто така, треба да се пијат течности и да се користат хидратантни креми кои навлажнуваат и ладат.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



