| четврток, 6 декември 2018 |

Мартина Баракоска ја освои наградата Гран-при „Трајко Каров“ за најдобар тапанар

Покрај натпреварувачите, годинашното издание на „Т'к Так Фест“ го одбележаа враќањето на легендарниот скопски бенд „Коцка Лед“ кој по триесетина години повторно застана на големата сцена

Кумановците „Кара“ се новите победници на четвртото издание на најголемиот македонски демофестивал „Т’к так фест 2015“, додека младата Мартина Баракоска влезе во историјата на фестивалот како прва девојка која ја освоила Гран-при наградата „Трајко Каров“ која се доделува на најдобриот тапанар.
unnamed (9)

Мартина Баракоска влезе во историјата на фестивалот како прва девојка која ја освоила Гран При наградата „Трајко Каров“ која се доделува на најдобриот тапанар

Воодушевувајќи го жирито составено од еминентните рок-музичари Венко Серафимовски, Кокан Пандиловски, Јане Хаџи-Наумовски и рок-критичарот Тоше Филиповски, но и размрдувајќи ја кавадаречката, но и македонската публика, „Кара“ сосема заслужено го доби признанието за најдобра група и се најде во друштвото на победници на фестивалот на кое уште се наоѓаат „Фанк шуи“, „Ептен“ и „Хроматик поинт“. Покрај „Кара“, признанија добија и кавадарчаните „Џоа бенд“ и велешаните „Оловна рестрикција“, кои пак со ист број поени го поделија второто и третото место на фестивалот.
unnamed (6)
 Со пласманот помеѓу првите три групи, „Кара“, „Оловна рестрикција“ и „Џоа бенд“ си обезбедија ексклузивна можност да соработуваат и да снимаат во студијата на познати македонски музичари и продуценти, а првото место на младите кумановци им гарантира учество на јубилејното петто издание на „Т’к так фест“ и тоа како ревијална група која со 30-минутен концерт ќе ги најави главните ѕвезди на фестивалот.
За разлика од групите, Мартина Баракоска од скопската група „Астероид“ покрај наградата Гран-при „Трајко Каров“ доби и 30.000,00 денари. Со признанија во своите раце си заминаа и славниот Канго, на кого му беше врачено признанието за особена поддршка во промоцијата на демо-групите, како и на легендарниот кавадаречки состав „Паја бенд“ за нивниот мегахит, песната „Роза“.
unnamed (7)
Покрај натпреварувачите, годинашното издание на „Т’к так фест“ го одбележа враќањето на легендарната скопска група „Коцка лед“, кој по триесетина години повторно застана на големата сцена, настапот на штипјаните „Црна точка“, и фантастичното шоу на „Д Брадрс бенд“ кој ги обедини Живко Груевски, Слободан Антон, Ангел Георгиевски, Бубо Каров и нивниот специјален гости, Венко Серафимовски, сите познати музичари од голем број славни скопски групи.
Ревијалниот дел од годинашниот „Т’к так фест“ го заокружија концертите на минатогодишните победници, големите надежи на македонската сцена „Хроматик поинт“, секогаш уникатните „Фолтин“, кои од првиот момент ја разиграа кавадаречката публика и диџеј DJ Дан Манџиковски, со чиј настап беше заокружено годинашното издание на „Т’к так фест“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top