| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел ја повика ЕУ да ја подели одговорноста за мигрантите

меркел
Германскиот канцелар Ангела Меркел ги повика земјите од Европската унија да ја споделат тежината на мигрантската криза.- Европа како целина треба да постигне напредок по тоа прашање и земјите-членки треба да ја споделат одговорноста за бегалците, кои бараат азил – истакна Меркел на прес-конференција во Берлин.- Доколку Европа не одговори соодветно на прашањето за бегалците, таа ќе ги прекине фундаменталните врски со универзалните граѓански права – додаде Меркел.

Таа побара уште веднаш да се определат квоти за прием на мигрантите.

– Доколку не успееме да постигнеме спогодба за праведно распределување, ќе ја доведеме во прашање Шенгенската спогодба, а ние не го сакаме тоа – рече Меркел.

Според неа не е прифатливо тоа што некои земји од ЕУ изјавуваат дека не сакаат да прифатат муслимани.

– Соочени сме пред голем национален предизвик. Тоа ќе биде главниот предизвик не само следните денови или месеци, туку за долг временски период – изјави германската канцеларка во врска со приливот на имигранти и очекувањата на Германија оваа година во земјата да дојдат 800 илјади кандидати за азил.

– Загриженоста на Германија е голема, но потребно е да бидеме пофлексибилни – нагласи Меркел и додаде дека Германија е доволно силна за да се соочи со предизвиците, како што е доаѓањето на стотици илјади имигранти.

– Нашата економија е силна, пазарот на труд е стабилен и подготвен да прима уште работна сила – рече таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top