| четврток, 6 декември 2018 |

Менди и официјално во Вардар

Француската репрезентативка Клодин Менди и официјално го засили женскиот ракометен клуб Вардар, што најавува дека скопјанки прераснуваат во европски гигант. Трансферот беше најавен пред неколку дена, а сега и се реализираше. Корпулентниот лев бек на француската репрезентација потпиша едногодишен договор, со можност за продолжување на соработката со Вардар. Моментно Менди е членка на Будуќност од Подгорица.

– Среќна сум што верувавте во мене и ќе дадам сѐ од себе да ја оправдам довербата. Ова е убав проект и се гордеам што ќе бидам дел од него. Ќе играм со големи ракометарки и се надевам дека ќе имам можност да научам многу – изјави Менди, за официјалната веб-страница на ЖРК Вардар.

mendi

Менди е висока 182 сантиметри, има само 23 години, а веќе се ближи кон стотката по бројот на настапи за француската репрезентација. Досега има 84, со две сребра од светските првенства во Кина во 2009 година и две сезони подоцна во Бразил.

Со неа во Вардар ќе играат и Амандин Лејно и Сираба Дембеле, уште две репрезентативки на Франција. Од идната сезона нови членки на „црвено-црните“ ќе бидат засилени и со Јованка Радичевиќ и со Андреа Лекиќ, најавени се и ангажмани на Хмирова и на Зебиќ, па јасно е дека Вардар ќе има тим за највисоки дострели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top