Во прекрасна атмосфера во Мадрид во кој постоеше само еден тим, македонската кошаркарска репрезентација одигра уште еден пријателски натпревар во рамките од подготовките за Европското првенство со соодветната репрезентација на Шпанија.
„Црвената фурија“ ја оддува репрезентацијата на Македонија со високи 31 кош разлика 94-63 (28-12,24-14,17-22, 25-15) во првиот пријателски натпревар од предвидените два.
„Црвено-жолтите“ објективно не можеа вечерва да им парираат на расположените Шпанци со кои се надигрувавме единствено во третиот период од играта. Се останато беше лекција од Шпанија.
Шпанија го играше својот ритам уште од самиот почеток на натпреварот не дозволувајќи во ниту еден момент да биде доведен во прашање победникот. Иако ослабени без неколку првотимци за ова Европско првенство, избраниците на Серџио Скариоло, знаеја како да си поигруваат со нашите репрезентативци.
Најефикасен во нашите редови беше Ричард Хендрикс со 14 постигнати поени, дополнети и со 9 скока. Бојан Трајковски заврши со 9 поени, а по 8 поени имаа Предраг Самарџиски и Војдан Стојановски.
Во шпанската селекција предводеше Руди Фернандез со 14 поени, а по 10 поени имаа Фелипе Рејес и Хернангомез. Никола Миротиќ и По Рибас запишаа по 9 поени, а По Гасол заврши со 8 поени.
Ова беше вкупно четврти пораз на Македонија од Шпанија во истотолку натпревари. Двапати игравме пријателски натпревари пред почетокот не Европското првенство во Словенија пред две години, во кои загубивме со 61-66 и 55-77.
На ЕП во Литванија игравме во полуфиналето против Шпанците кога загубивме со 92-80.
Вториот тест дуел со „црвената фурија“ го играме на 25. август, по што потоа селекцијата се сели во Летонија каде ќе следат последните две контролни средби во пресрет на Евробаскетот 2015.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






