Наскоро ќе бидат објавени два огласа за давање државно земјоделско земјиште под закуп – едниот ќе се однесува на 5.000 хектари во 30 општини за земјоделците кои досега воопшто немаат каков било договор по овој основ, а вториот е за комерцијално одгледување култури, најави денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.
На прес-конференцијата по повод претстојните Отворени денови на Платежната агенција, Костадиновски, одговорајќи на новинарски прашања рече дека интересот за користење средства од ИПАРД се повеќе се зголемува, но расте и свеста за можностите во преработувачката индустрија, како и за инвестициите во развој на руралниот туризам.
– Во ИПАРД програма за инвестици се на располагање 29 милиони евра, а во Националната програма за механизација се планирани 40 милиони денари или 650.000 евра – истакна Костадиновски.
Според него, субвенциите кои изминативе години се неколкукратно зголемени, даваат резултат. Тоа особено се забележува во извозот и побарувачката. Наменети се за подобрување на производството, но и за поттикнување со занимавање со оваа дејност.
– Македонија се уште важи за регион со поволни еколошки услови за производство на храна, примарна продукција и преработки. Се зголемува побарувачката за македонското вино, македонското јаболко, македонската праска. Понекогаш се јавуваат одредени проблеми, како годинава со доматот, но таквата ситуација се почувствува и во соседните земи каде што исто така имаше хиперпродукција. Затоа, ние, како одговорна Влада, донесовме мерка со која овозможвиме 6.5 денари субвенција за килограм предаден домат во преработувачки капацитети, наспроти стандардните 2,5 денари – потсети заменик-министерот.
Веќе значителни количини домати се преземаат од Струмичко и останатите региони. а вкупниот износ што го добиваат земјоделците, вклучувајќи ги откупната цена и субвенцијата, е 10 денари за килограм домат.
– И натаму одговорно и совесно ќе се соочуваме со предизвиците од кои најголеми се климатските промени. Тие нема да бидат изненадување во иднина. Затоа постојано сме на терен и разговараме со земјоделците, ја промовираме поддршката за осигурителните полиси за родот. Интересот е двојно зголемен од лани кога имаше 2.000 корисници на полиси. Годинава, досега, иако рокот за аплицирање се уште не е завршен, издадени се 3.000 полиси- информира Костадиновски.
Досега процесите на исплатата на штетите утврдени од осигурителните компании нормално се одвиваат, поголеми поплаки нема. – МЗШВ секогаш ќе стои на располагање на земјоделците и ако има каков било проблем со осигурителните компании, слободно може да се обратат кај нас. Ќе го решаваме и секој поединечен случај ако има потреба, порача Костадиновски.
За најдоцна една недела Министерството за земјоделство ќе има податоци за инвестициите во руралната инфраструктура вредни 35 милиони евра, односно за планирани 200 проекти во општините кои значително треба да го подобрат животот и стандардот на населението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



