Таа важи за борец на терен, вистински професионалец надвор од теренот. По заздравувањето од падот од петти кат од нејзиниот стан во скопски Аеродром, стружанката, која е дел од македонската ракометна репрезентација, е подготвена за нови успеси и за нови предизвици. Вели тоа што било останува зад неа. Таа повторно е во истиот стан, благодарна на Бога што сѐ уште има можност да ужива во животот. Активна е, подготвува свој камп во Струга.

Подготвуваш ракометен камп во Струга од 17 август. Што е тоа што ќе го направи твојот камп поинаков. Имавме неколку кампови, меѓу кои и кампот на Кире Лазаров, на Лекиќ.
Меческа: Да, на ред е четвртиот камп, прв камп во мојата ракометна кариера, но тоа не значи и последен. За првпат децата ќе имаат можност да учат од мене. Главно, годинава ќе биде со домашни ракометари и ракометарки, а планот е в година да биде интернационален. Идејата за овој камп ми дојде летово, кога ги посетив камповите на Лазаров, на Лекиќ и на „Металург“. Една вечер враќајќи се кон Струга од кампот во Охрид, возејќи велосипед добив идеја и јас да направам свој камп. Инспирирана од тоа како се забавуваат децата, а истовремено тренираат и учат, истата вечер отидов во одморалиштето „Мајски цвет“. Прашав за сместување и веднаш се фатив за работа. Сама го организирам овој камп, сама барам спонзори, организирам сѐ. Планирам многу подароци, забава на брод со шведска маса.

Каков е интересот кај децата?
Меческа: Има дечиња, кампот го немам промовирано медиумски. Лекиќ и Лазаров пет месеци го организираа, јас почнав пред еден месец. Многу од децата не знаат дека ќе има камп. Немам никаде реклама, освен на „Фејсбук“, каде што сама објавувам. Знаат тие што ме следат на „Фејсбук“, се пријавуваат. Ако има поголем број пријавени, има можност и за втора смена.
Има посебни услови за тие деца што потекнуваат од твојот роден град, Струга?
Меческа: Да, цената за сите други е 9.000 денари, а за децата од Струга е 6.000 денари за тие што ќе спијат во „Мајски цвет“. Тие деца што ќе спијат дома ќе плаќаат по 2.200 денари. Сите ќе ги добијат сите погодности. Децата ќе бидат пречекани со музика, со група во живо. Сакам со песна да го почнеме кампот и со песна да го завршиме.
Сега имам поинаков начин
на гледање на животот
затоа што неколкупати
ја гледав смртта в очи.
Кога бев во болница имав
тешкотии со дишењето,
имав болки,
еден месец бев во шок-соба
Каква е поддршката од колегите? Ќе има дел од нив во кампот?
Меческа: Ќе има многу гости затоа што кампот се одржува во исто време со традиционалниот ракометен турнир во Струга. Тоа е интернационален турнир на кој доаѓаат многу добри ракометари и дел од нив ќе бидат поканети да бидат гости. Ќе има поранешни и сегашни репрезентативки, како и млади потенцијални ракометарки од Металург. Ќе има и колешки од Вардар, доколку во тој период немаат обврски кон клубот. Многу од моите колешки што играат во странство нема да можат да дојдат. Со децата ќе имаме групно следење на натпреварите на турнирот. Ќе има посебен дел за децата од кампот, ќе се направи комбинација да има и тренинг, и следење натпревари, но да има и забава, одење на плажа, посета на Вевчанските Извори, прошетка со панорамски автобус. Ќе се оди до манастирот „Св. Богородица“. Ветувам добра забава. Барам спонзори, потребна ми е поддршка. Дипломите нема да бидат обични, ќе бидат на хамер, нацртани со графички молив што не се брише.

Како почна да се занимаваш со ракомет?
Меческа: Почнав во Стружанка во далечната 1995 година, на моја 11-годишна возраст. Сакав да играм кошарка. Бев голем обожавател на Дејан Јовановски и на таа генерација. Еден ден дедо ми гледаше ракомет. Го прашав што спорт е тоа. Ми кажа дека е ракомет, ми објасни како се игра, кои се играчите. Ги паметам Боро Чурлески, Томче Петрески. Си реков не е лошо ова, ама сакам да бидам кошаркарка. Но во Струга немаше кошарка. Кога ми кажаа дека има ракомет, реков ОК, само да е со топка. Но мала бев, морав да чекам една година и во петто одделение почнав со тренинзи. Бевме 50-60 деца и се тепавме за топка. На крај останав само јас. Потоа отидов во Кометал, Еуростандард, па пак Кометал и паралелно во Куманово, во Србија, во Турција, Металург, пак во Турција неколку месеци и отидов во Вардар.
Сега е пауза од ракометот. Но пожртвуваноста, борбеноста и упорноста се карактеристика на Робертина Меческа. Дали планираш да му се вратиш на ракометот по несреќата што ја имаше?
Меческа: Со цело срце сакам да му се вратам на ракометот. Сакам да сум подобра од порано, тоа ми е цел, како што ми е цел и да го освојам Монт Еверест. Имав тешка операција на ’рбетот, имам шест шрафови и две прачки и тие треба да се отстранат за пак да заиграм. Ракометот воопшто не е нежен спорт, особено на мојата позиција, пикер. Доктор Христијан Костов, кој ме оперираше, рече дека во мај ќе ми ги извадат прачките. Ако не, ми рече, сама ќе си ги вадам… Кога слушна дека го освоив врвот од 2.258 метри надморска височина на неполни четири месеци од мојот пад, беше во шок, не можеше да поверува какво чудо сум јас. Не дај Боже да се случи нешто со прачките, ќе останам инвалид.
Нема да се откажам од Македонија. Сѐ уште ќе бидам капитен во октомври. Можам да истрчам и да шутнам пенал. Сакам да сум капитен и поддршка од клупа. И сакам да сум помошник-тренер на главниот селектор што ќе биде избран наредниве месеци. Не сакам да се откажам од дресот. Би сакала и, доколку имам можност, да потпишам со некој клуб, како на пример со Вардар, не мора во прв тим, може и во втор за да имам лиценца. Зошто да не бидам и помошен тренер на Симе во вториот тим на Вардар, а да бидам и со дрес, со опрема, за да бидам регуларно пријавена во репрезентација?

Упорноста и борбеноста ги докажа со активностите по падот – возење велосипед, искачување на повеќе врвови.
Меческа: Многу сакам освојување врвови. На 7 јуни се качив на Црн Врв. Сега се искачив на ’Ртањ во Србија. Тоа е планина како пирамида. Не е многу висока, 1.560 метри, но е тежок терен. Цел ден бев на планина. Ми отекуваат нозете, колената ми отекуваат. Докторите ми рекоа да не претерувам. Во септември планирам да го искачам Кораб, највисокиот врв во Македонија. Потоа планирам да го искачам и Монт Еверест. Ако ме поддржи финансиски Владата, јас сум подготвена. Благодарна сум на Бога што по сѐ ми даде да бидам ваква, уживам во животот.
Жива сум,
не сум инвалид,
среќна сум,
имам многу планови,
супер ми е
Како гледаш на животот по падот од петти кат?
Меческа: Многу поубаво. Сега имам поинаков начин на гледање на животот затоа што неколку пати ја гледав смртта в очи. Кога бев во болница имав тешкотии со дишењето, имав болки, еден месец бев во шок-соба. Многу тежок период, не можев да се поместам од место. Потоа поминав две недели на одделение на траума. Имав голема поддршка од мајка ми, од моето момче, мојата пријателка Милка. Имав поддршка од медиумите, од многу пријатели, слушав и читав дека сите се молеле за мене. И од клубот Вардар, од репрезентација. Голема беше поддршката за да бидам денес тоа што сум, им благодарам на сите што беа со мене и што несебично ја даваа љубовта за мене. Му благодарам на целиот медицински персонал во Скопје и во Струга. Јас цело време бев свесна, освен првите неколку дена кога бев под седативи.

Се гледав, знаев што се случува, разговарав, но имав големи болки. Најголема благодарност до Бог што ме остави да сум жива и здрава, што сега сум многу посилна, имам многу поголема позитивна енергија, што гледам на животот без тешкотии, минорни се сите проблеми. Најважно е што сум здрава. Амбициозно влегувам во овој живот што ми е поблиску до Бога откако паднав. Сакам да отворам ракометни школи, не само во Скопје, туку и во Струга, Валандово, Охрид, Демир Капија, Вевчани, можеби и во Велес, во градови каде што е запоставен ракометот. Ќе гледам да бидам секаде по малку, ќе поставам тренери што се професори по физичко, ќе им давам програма за работа, а кога ќе можам ќе ги посетувам дечињата.
Поинаку гледаш на работите, ги занемаруваш проблемите и сфаќаш дека не се толку битни во животот, не заслужуваат внимание.
Меческа: Секако, воопшто не се оптоварувам со ништо. Јас сум среќна што имав толку малку повреди, имаше голема веројатност да бидам инвалид ако останев жива. Но жива сум, не сум инвалид, среќна сум, имам многу планови, супер ми е. Така нека им биде на сите – нека не се оптоваруваат со ништо, тоа што било поминало, секој има проблеми во животот, но на нив треба да гледаме попозитивно. Сѐ може да се случи во животот, но нема потреба од навраќање наназад. Сѐ може да се реши.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
Видео: Илија Јовановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)


