| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски пушти во употреба повеќенаменско игралиште во струшко Лабуниште

грујо2
Премиерот Никола Груевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасовски  денеска пуштија во употреба повеќенаменско игралиште во струшкото село Лабуниште, дел од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ државата.

На игралиштето се обезбедени услови за играње фудбал, ракомет, кошарка, но и други спортови, за што Владата преку Агенцијата за млади и спорт издвои ококу 7,9 милиони денари. Поставени се и рефлектори, но за нивно користење општина Струга треба да изнајде начин да донесе струја за да може да се користи во доцните вечерни часови.
– Верувам дека ова игралиште ќе излезе во пресрет на потребите на жителите на Лабуниште пред се на младите и на учениците кои тука ќе може да се рекреираат, да спортуваат и да ги развиваат своите спортски вештини, но и на повозрасните кои ќе може тука да се рекреираат – истакна Груевски.
 Во интерес на развојот на спортот во Лабуниште  на барање  на жителите, Груевски потсети на ветувањето за изградба на спортска сала која е влезена во програмата на Владата, има изготвено проект и издвоени се средства. Но, реализацијата на проектот, според него, чека на градежна дозвола од општината и рачистување на локацијата каде што треба да се гради.
 – За жал и покрај сите наши напори  и напорите на локалните авторитети градоначалникот не го направи тоа. Само заради спортската сала во Лабуниште, Владата предложи до Собранието промена на Законот со кој ќе може за ваков вид објекти дозвола да  може да издава Министерството за транспорт и врски. Законот се усвои и врз основа на тој закон министерот за образование треба да поднесе барање за градежна дозвола до министерот за транспорт и врски и веднаш потоа се надеваме некаде во август-септември ќе почне изградбата на спортската сала – информира премиерот Груевски.
 Еден од најголемите проблеми кои ги посочиле жителите на Лабуниште било Итната медицинска помош за овој регион и во таа насока премиерот Груевски нагласи дека со задоволство денес може да се констатира дека и тој проблем е решен.
– Новата Итна медицинска помош во Лабуниште веќе опслужува околу 7.000 жители од селото, но и голем број жители од населените места во регионот.Тоа е уште еден пример дека Лабуниште не е оставено само на себе – потенцира Груевски.
 Годинава, додаде тој, издвоени се 5 милиони денари за промена на прозорците во ОУ „Мурат Љабуништа“.
 Инаку, во изминатиот период реализирани се голем број проекти во струшкиот регион во делот на спортот и образованието. Од 2006 година досега во Струга се изградени две нови училишта, три се доградени и надградени, реконструирани и санирани севкупно се 15 училишни објекти за што се инвестирани 92,6 милиони денари.
– Го изградивме фудбалското игралиште во близина на Мислешево, комплетно е обновено спортското игралиште во село Октиси, во тек е санација и адаптација на две игралишта во селата Мороиште и Нерези. Во наредниот период се планира и адаптација на игралиштето во Ложани и изградба на едно повеќенаменско игралиште во Мислешево. Извршена е реконструкција на подрачното училиште во село Боровец –  потсети Груевски.
 Во делот на изградбата на патишта, тој информира дека е направен патот Бигево-Ливада, Калишта-Франгово, патот за Мислешево, Ложани -Бигево, Мислешево-Еуротел, а е реконструиран и патот Октиси – Велешта. Инвестирано е во доизградба на водовод во селото Луково и Нерези, аавршен е канализацискиот систем во Мороишта, а наскоро  треба да почне изградба на водоводот во селото Пискупштина. Во здравството е инвестирано во набавка на нова медицинска опрема во Струга.
 – Она што е можеби најзначајно за граѓаните е тоа што постојано работиме на отворање нови работни места и привлекување нови инвеститори во Македонија – истакна премиерот Груевски, споменувајќи ја изградбата на новата Тирз зона меѓу Охрид и Струга која е од големо значење за регионот.
Тој вети дека и во иднина ќе им помагаат на жителите на Лабуниште и на целиот струшки регион.
– Ние сме луѓе кои не бегаме од  ветеното. Тоа што ќе кажеме дека ќе биде направено со сите сили работиме и се бориме да биде направено. Верувам дека во иднина ќе имаме подобра соработка со општина Струга и ќе можеме да направиме многу повеќе како за Лабуниште, така и за целиот струшки регион – потенцира премиерот Груевски, најавувајќи дека се разгледува можноста за изградба на мала болница во Лабуниште.
 Според директорот Спасовски познато е дека спортот  има моќ да сплотува, да го гради принципот на почит кон противникот и фер игра, принципи кои денеска и се најмногу потребни на сите чинители во нашето општество.
– Спортот ги учи младите луѓе дека нема кус пат кон успехот зошто за постигнување успех на било кое поле потребна е волја, упорност и работа. Затоа секој успех во спортот не мотивира и натаму да инвестираме во него не само како физичка активност, туку и како начин на градење на позитивно однесување, создавање на посветени поединци кои преку спортот може да придонесат за општо добро во заедницата – истакна Спасовски.
Спасовски подвлече дека не постои населено место во државата каде не е инвестирано во спортската инфраструктура за што, рече, е доказ и Лабуниште.
– За подобрување на спортската инфраструктура на територија на општина Струга само преку Агенцијата за млади и спорт ќе се издвојат околу 55 милиони денари – информира Спасовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top