| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на монооперата „Дневникот на лудиот“

Премиерата на монооперата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во режија на Марјан Неќак беше изведена во НУ Центар за култура-Битола.

Новоформираниот „Подвижен музички театар“ („Moving Music Theatre“) од Битола премиерно ќе ја изведе монооперата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ, во режија на Марјан Неќак, а ќе настапи Озрен Грабариќ, актер во театарот „Гавела“ во Загреб.

Авторот на проектот, композитор и режисер Марјан Неќак истакна дека новоформираниот музички театар ќе биде посветен на претстави во кои ќе доминира музиката, но и филмот и друга визуелна уметност.

– Оваа новост во Македонија мислам дека ќе биде добредојдена во нашата држава, а одлично функционира во театарот Теразије во Белград. Со овој проект сакам да допрам до младата публика која малку знае за класичната опера и која во други држави предизвикува големо внимание. Веднаш по настапот во Битола со оваа моноопера ќе настапиме на Бриони во Хрватска, потврден е нашиот настап на „Охридско лето“, а во октомври премиера ќе има и во Загреб. Освен битолчани, монооперата ќе ја погледнат и претставници на „Мета театар“ од Минхен кои имаат намера монооперата да ја селектираат на фестивал во Германија – истакна Неќак.

Видеоинсталацијата за монооперата „Дневникот на лудиот“ е на Марин Лукановиќ видеодизајнер од Риека, а главниот лик го толкува Озрен Грабариќ, и двајцата од Хрватска.

– Во монооперата говорам на англиски и шпански јазик, а ваквиот пристап беше мотивиран од фактот дека и малите држави и народи како што се Македонија и Хрватска, кои не се влијателни на светско ниво, сепак може да зборуваат, односно да зборуваме и да комуницираме на светските јазици и да го искажеме нашиот поглед на општеството во кое големите сили наметнуваат разлики – истакна хрватскиот актер Грабариќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top