Европската унија денеска изрази жалење за повредените полицајци и демонстранти на синоќешните протести пред македонската Влада во Скопје и побара протестите да бидат мирни, како и политичките чинители во Република Македонија под итно да најдат одржливо решение на политичката криза во земјата. Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел е денешната реакција на Европската комисија, што за МИА ја пренесе портпаролката Маја Коцијанчиќ.
– Европската унија ја потврдува својата силна загриженост во врска со ситуацијата во земјата, како што веќе беше наведено во последните заклучоци на Советот за општи работи на Унијата. ЕУ со жалење ги констатира добиените повреди на страната на демонстрантите и кај членовите на безбедносните сили во вчерашните демонстрации. Како општ принцип, Комисијата потсетува на клучната важност на слободата на мирни протести и собирање и слободата на изразување, како што е утврдено во Европската конвенција за човекови права. Тие мора да се основни вредности на функционалната демократија – истакна Коцијанчиќ.
Портпаролката на неформалната Влада на Унијата, во име на официјален Брисел потсети на потребата да се избегне било-каква несразмерна употреба на сила од страна на органите на прогонот. А, за политичките чинители, Еврокомисијата со порака:
– ЕУ сака да потсети дека од политичките чинители се очекува да преземат итна акција кон одржливо решавање на актуелната политичка криза, вклучително и преку конструктивен ангажман да се рестартира соодветен политички дијалог и да се врати довербата во институциите. ЕУ нема коментар за индивидуалните случаи со прислушувањето, но потсетува дека сите наводи за секој потенцијален престап треба да бидат веднаш, независно и транспарентно истражени од страна на надлежните органи – ја пренесе портпаролакта Коцијанчиќ пораката на Европската унија за случувањата во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.