Голманот на Тетекс, Ванче Манчевски се промовира во вистински специјалист за пенали и за куп- натпревари. Тој е клучниот човек за новиот успех на тетовци и за пласманот во финалето на домашниот куп. Тетекс ќе го игра завршниот меч за титулата во најмасовното фудбалско натпреварување кај нас, против Работнички, на 20 мај на арената „Филип Втори“. Второ финале меѓу двата клуба, по тоа пред пет години кога Тетекс го крена пехарот, и второ за Манчевски како голман на Тетекс. Пред две сезони 32-годишниот чувар на мрежата ги маѓепса шутерите на Шкендија и беше најзаслужен за трофејот во Купот, а и во тоа издание беше главна алка на Тетекс. Во полуфиналето против Хоризонт Турново повторно на сцена стапи Манчевски и во пенал-серијата им донесе на популарните „текстилци“ ново куп-финале.
На шега велат ако стигнете до пенали, побарајте го Ванче и немате утка, успехот е загарантиран.

Се претвори во специјалист за удари од белата точка. Имаш ли посебен рецепт како се бранат пенали?
Манчевски: Нема посебен рецепт. Има една теорија што важи меѓу нас голманите, а тоа е дека добро изведен удар од белата точка не се брани. Нема чувар на мрежата што ќе спречи погодок од 11 метри ако фудбалерот е сигурен и добро го изведе ударот.
Има нешто и во инстинктивната реакција на голманот, но, сепак, за нас голманите е најважно фудбалерот што го шутира пеналот да погреши, да се поколеба, да се премисли или да не е доволно подготвен.
Но, сепак, тука има една поинаква филозофија, која ја користиме ние голманите. Постојано ги анализираме сите ситуации, кој како шутира пенал, колку е психички подготвен, дали има гестикулации пред да го упати ударот и, секако, многу време посветуваме на подготовка, особено пред натпреварите од Купот, на кои може да дојде до пенали. Мечеви во кои влогот е голем, се работи за трофеј и за успех што влегува во аналите на домашниот фудбал, како нашиот против Шкендија во 2013 година и тој што следува на 20 мај против Работнички.
Против Шкендија во 2013 година беше вистински херој на Тетекс. Го одбрани клучниот пенал и постигна гол од белата точка во финалето за победа во националниот куп. Тоа ли е најдобриот моментот во твојата кариера?
Манчевски: Тоа, на некој начин, беше најчудното финале во Купот на Македонија. Првиот меч беше прекинат поради националистичко скандирање од публиката, па се преигра без присуство на гледачи, што малку му фрли сенка на натпреварот. Без разлика на сѐ, тој успех е најголем за мене во кариерата. Одбранив два пенала, првиот на Ејупи и последниот на Бериша, а патем и погодив од белата точка. Посакувам секој да го доживее моментот, да биде клучна фигура во успехот на клубот иако победата на Тетекс беше заслуга на сите фудбалери и на стручниот штаб. Особено беше важно што го освоивме Купот против големиот ривал од Тетово. И, пред сѐ, што го сторивме тоа во витешка битка на теренот, без ниедна посериозна провокација меѓу играчите на двата тима.
Работнички е фаворит во финалето на 20 мај. Може ли Тетекс да изненади против освојувачот на двојната круна од лани и Македонија да има второлигаш во Лигата на Европа?
Манчевски: Натпреварите во Купот, особено во завршницата, се малку поинакви од другите. Се игра еден меч и затоа финалињата се со посебен шмек, со поинаков набој и атмосфера. Работнички е фаворит на хартија, ја има двојната круна и сѐ уште е во игра да ги одбрани двата трофеја, но се надевам дека ние ќе го сопреме на 20 мај во финалето на Купот. Јас велам дека на такви натпревари нема големи и мали клубови или екипи. Ние имаме квалитет и ќе се обидеме да го избришеме тоа што е запишано на хартија, односно дека Работнички е фаворит за трофејот. Знам дека имаме сѐ што е потребно за да ѝ се радуваме на круната и се надевам на такво сценарио во мај.
Тетекс следната сезона ќе игра во Втората лига. Има ли планови и дали „сино-белите“ можат експресно да се вратат во македонската елита?
Манчевски: Ако остане овој состав на Тетекс, воопшто не се сомневам дека второлигашката епизода ќе биде кратка и ќе трае само една сезона. Прво да го одиграме мечот што е најважен за нас, финалето против Работнички, а потоа ќе размислуваме што и како натаму. Скапо нѐ чинеше сиромашното бодовно салдо во првиот дел од сезоната. Сега клубот е стабилен, има одлични играчи, но бодовното заостанување од есенскиот дел се покажа преголемо. Во продолжението од сезоната играме добро, никој не нѐ надигра, но кога имате императив, тогаш е најтешко да се игра. Добиваме комплименти за игрите во пролетниот дел, што на некој начин е сатисфакција за тоа што не се предаваме до последен момент иако е јасно дека ќе се преселиме во понизок ранг. Сепак, Тетекс е значајно име во македонскиот фудбал, според мене меѓу најголемите кај нас, и верувам дека повторно ќе игра во Првата македонска лига со експресно враќање.
Велат дека нема дерби на планетата како тетовската пресметка меѓу Тетекс и Шкендија. Што е толку специфично во дуелите на овие два тима?
Манчевски: Тетово како град е посебно поднебје, а разликите меѓу двата клуба се речиси идентични со тие меѓу Глазгов Ренџерс и Селтик. Се работи за две екипи кои почитуваат различни традиции, поделени се по верска основа и ривалитетот е огромен. Во нашиот случај и националната определба е различна. Тетекс е вистински симбол на Македонците во Тетово, а Шкендија ја поддржуваат Албанците, што дополнително ги разгорува страстите. Има ривалитет и меѓу клубовите и меѓу навивачите, па победите на Тетекс против Шкендија и обратно се слават посебно и значат повеќе од сѐ за тетовци.
На пример, кога ја победивме Шкендија на пенали во финалето на купот, добив неверојатен број повици и пораки, кои беа излив на неверојатна радост и верност кон клубот. Такво нешто немам доживеано и тогаш почувствував колку значат победите во дербито на Тетово.
На малку натпревари, без разлика на положбата на табелата на двата тима, трибините не се полни. Амбиентот секогаш е тензичен, постои посебна инспирација и кај едните и кај другите за победа. Најважно е да нема инциденти на трибините и на теренот, а кој е подобар нека победи. И, секако, ми се чини дека во македонскиот фудбал само на ова дерби важи правилото да се победи градскиот ривал и ништо друго не е важно.
Има ли добри млади голмани во Македонија?
Манчевски: Ние сме вистински расадник на таленти во сите спортови, а така е и кога се работи за голманите во фудбалот. Не е случајно што Дени Илиев е член на Арсенал, потоа тука се и Дамјан Шишковски, кој е во Гент, Столе Димитриевски, кој е член на шпанска Гранада и уште многу други надежни голмани. Никој во Европа не купува играчи или голмани што немаат квалитет. И во Тетекс се работи одлично со голманите и веќе има тројца млади чувари на мрежата, кои допрва ќе го презентираат знаењето. Од тој аспект, и оваа генерација млади голмани во Македонија само ќе ја продолжи традицијата на добри чувари на мрежата што сме ги имале отсекогаш.
(Разговараше: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 138. број на неделникот „Република“, 24.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


