Македонските екипи не знаат како да го победат полскиот првак Кјелце, кој повторно по петти пат победи наш тим во Лигата на шампионите, овојпат за првпат Вардар со 22-20. Претходно незгодните Полјаци во два наврати по двапати во Лигата на шампионите го победуваа Металург, а сега најдоа рецепт за триумф и против Вардар.
Сонот за пласман на македонска екипа на фајналфор турнирот во Келн, се уште е актуелен, но ќе биде исклучително тешко да се победи Кјелце на гостински терен со најмалку 3 гола разлика, или со два и со повеќе дадени голови од 22 за Вардар.
Првото полувреме најави дека мисијата на Вардар за пат во Келн ќе биде сложена, а надеж за победа се јави во првиот дел од второто полувреме кога домаќините направија 3 гола разлика, 15-12. Публиката која беше извонредна и феноменално го бодреше Вардар, даде крилја, се создаде пеколен амбиент, но сето тоа Полјаците го издржаа и на крајот со пресврт и победија со 22-20.
Арпад Штербик со 13 одбрани одлично го бранеше голот на Вардар, но „црвено-црните“ промашија премногу удари за да слават против силен и цврст тим каков што е Кјелце. Горбок со 5 гола беше најефикасен кај домаќините, пред Стоилов и Карачиќ со по 4.
Штрлек ка Кјлеце даде 5 гола, а извонреден на голот беше Шего со 10 фатени топки. Реваншот е на 19. април во Полска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



