Рускиот репрезентативец Павел Атман е последното големо засилување, кое од следната сезона ќе го гледаме во дресот на Вардар.
„Македонски спорт“ неофицијално дознава дека поранешниот член на Металург, кој во моментов настапува за Ал Ахли во ОАЕ, ќе им се приклучи на своите репрезентативни соиграчи Тимур Дибиров, Сергеј Горбок, Даниел Шишкарев во „црвено-црниот“ дрес.
Атман во вардаровиот табор доаѓа како решение на позицијата централен бек, на местото на Немања Прибак, кој се одлучи да замине во редовите на турски Бешикташ, откако раководството на клубот му се заблагодари за соработката.
Како првична алтернатива за плејмејкерското место беше уште еден екс-металургов играч, Лука Циндриќ. Но, младиот 21-годишниот бек нема чисти документи, односно се уште се води како ракометар на тимот од Автокоманда, па така првите луѓе на Вардар се одлучија за поискусно решение.
Лука Циндриќ и Павел Атман, истовремено го напуштија Металург, на почетокот на ноември минатата година, но за разлика од Русинот, кој од РФМ доби раскин на договорот, Циндриќ се покажа дека не ги исполнува условите за прекин на договорот со македонскиот првак, па така неговиот случај сега го разгледува ЕХФ.
Павел Атман е последното засилување по Дејан Манасков, Александар Деревен и Хорхе Македа, кои од следната година ќе ги гледаме како членови на „црвено-црниот“ табор.
Ако некој се посомнева дека руската колонија во Вардар ќе се намали по најавеното заминување на Алексеј Растворцев и Михаил Чипурин, последните трансфери ги побиваат таквите размислувања.
Првиот човек на клубот, Сергеј Самсоненко, пред еден месец ни потврди дека комплетниот тим на Вардар за следната сезона веќе е познат и договорен, но дали Атман ќе биде последното играчко освежување ќе знаеме наскоро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.