| четврток, 6 декември 2018 |

Турска компанија ќе инвестира 12 милиони евра во Прилеп

прилеп

Турската компанија „Ајдин-Јап-Иншаат Л.Т.Д Ширкети“, со седиште во Истанбул, во Прилеп ќе ивестира 12 милиони евра во изградба на станбено-деловен комплекс. Ова беше соопштено денеска во кабинетот на прилепскиот градоначалник Марјан Ристески по средбата со претставникот на оваа компанија во Македонија.

Според Џевад Реџепов, претставникот на турската компанија, менаџерите на компанијата неколку пати биле во посета низ Македонија и најмногу им се допаднало да инвестираат во Прилеп.

– Претставниците од компанијата „Ајдин-Јап-Иншаат Л.Т.Д Ширкети“ неколку пати дојдоа во Македонија. Во Прилеп видоа неколку локации, им се допадна градот како најчист во Македонија. Освен тоа, ги привлече и пресудно беше што градот е центар на ископувањата и производството на белиот мермер – ијави Реџепов.

На компанијата најмногу внимание им привлекува просторот од старата општинска зграда во централното градско подрачје.

– Компанијата ќе гради комплекс од станбен објект, градинка, старски дом, поликлиника, спортски центри. Ќе финансира околу 12 милиони евра. Сакаат да градат и други комплекси на други локации, пред се, станови и вкупно во Прилеп да инвестираат во станбени згради околу 50 милиони евра – рече Реџепов.

Турската компанија очекува до крајот на овој месец да биде комплетирана документацијата и по објавувањето на лицитацијата да се движат работите според планирањата.

Градоначалникот Ристески го потврди интересот на турската компанија со чии претставници веќе неколку пати се среќава и досега се разгледани повеќе локации.

– Најмногу се заинтересирани за просторот од старата општинска зграда и имаат идејно решение за изградба на станбено-деловен комплекс во централното градско подрачје. Како општина која сега стопанисува со градежното неизградено државно земјиште сите атрактивни локации им ги понудивме. Во наредниот период очекуваме да дојде поголема турска делегација и да ги дефинираме работите – рече Ристески.

Кога ќе биде готов деталниот урбанистички план, нагласи, земјиштето ќе го о објавиме на лицитација.

За Ристо Најдоски, извршен директор на  Регионалната стопанска комора, најавената изградба на станбено-деловниот комплекс ќе значи голем развој на Прилеп.

– Се радуваме што една компанија од градежништвото која гради надвор од Турција, ќе дојде во Прилеп. За градот значи многу вкупно најавената инвестиција до 50 милиони евра. Оваа е четврта инвестиција од почетокот на годинава – рече Најдоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top