Фестивалот „Про-за Балкан“ и издавачката куќа „Икона“ најавија еден од гостите на второто издание на „Скопје фелоушип“ (Skopje fellowship) програмата што во рамките на фестивалот годинава ќе се одржи по вторпат од 18 до 20 мај. Издавачите од Скопје ќе ѝ ги претстават писателите од Македонија на една од најпознатите литературни агентки од Европа, Силвиа Брунели, сопственик на италијанската агенција „Набу“. Брунели е литературен агент на тројца нобеловци, меѓу кои Дарио Фо, а застапувала и застапува автори од рангот на Леонард Коен и Ноам Чомски.
Во 1987 година, по долга кариера како универзитетски професор, Брунели ја основала интернационалната литературна агенција „Набу“ којашто ги претставува авторските права на многу интернационални автори на светскиот пазар, како и интернационални издавачи и агенти на италијанскиот пазар. Низ годините, агенцијата „Набу“ преговарала за правата и склучила договори со три лауреати на Нобеловата награда за литература. Таа е литературен агент на Дарио Фо кого го застапувала уште пред да стане нобеловец, а ги застапувала Нагиб Махфуз и Ригоберта Менчу, добитници на Нобеловата награда за литература во 1988 и 1992 година.
Нејзината агенција застапувала и интернационално промовирала големи автори како Леонард Коен, Ноам Чомски, Вандана Шива, ВГ Себалт… Брунели е редовно присутна на сите поголеми светски саеми на книга во Франкфурт, Париз, Лондон, Њујорк…Од деведесеттите години интересот на агенцијата е насочен и кон филмот, па инволвирани се во бројни филмски проекти со актерот и продуцент Клаус Кински, во филмови во кои глумат Петер Фалк (познатиот „Колумбо“), Амбер Тамблин…
Силвиа Брунели ја поминала младоста во Германија, Полска и во Америка, а во слободното време патувала низ светот од Алјаска до Тиера дел Фуего и од Нов Зеланд до Гренланд. Иако се приближува до годините за пензија таа, дефинитивно, сака да продолжи да работи, велејќи „да се биде литературен агент е живот, а не работа!”
Третото издание на фестивалот „Про-за Балкан“, во организација на издавачката куќа „Икона“, ќе се одржи во Скопје од 18 до 20 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Антолог“ објави два историски романи од исландски автори: „Сага за Јон“ и „Солзите на ангелите“
-
Промоција на „Збирка воздишки збрани од ливадата на стиховите“ од Сандра Авросиевска и изложба на Васко Ташковски во Паркот на книгите
-
Институтот „Јунуз Емре“-Скопје ќе донира книги на отсекот по турски јазик на Филолошкиот факултет
-
Романите на Ермис Лафазановски објавени во Каиро и во Софија


