Струмичкиот народен театар „Антон Панов“ вечерва, со почетокот во 20 часот, ќе ја одигра премиерата на театарската претстава „Кабинетот на проф. Тарана“, во режија на Горан Тренчовски, а по текст на Артур Адамов.
Тетарската претстава ќе биде изведена и на 27 и 28 март, во чест на Меѓународниот ден на театарот, а ќе биде прочитана светската и македонската порака за театарската уметност.
За самата театарска претстава, режисерот Тренчовски користи минималистички пристап на визуализација, за сцената, а при адаптацијата на текстот на Адам Адамов, од 1951 година, прави компилација и користи мотиви и цитати од Ингер Кристенсен, Жак Превер и Раул Руиз. Аторот на текстот, Артур Адамов, е претставник на тетарот на апсурдот, од класата на авторите Семјуел Бекет, Ежен Јонеску и други, па откука претставата се граничи со сонот и јавето, со возможното и со невозможното.
– Основно во претставата е вечната борба меѓу академизмот и примитивизмот затоа што ние со години се бориме за истакнување одредени вредности кои секој поединец, секоја индивидуа ги носи во себе, меѓутоа од разноразни причини тие вредности се потиснуваат. Токму, поради тоа што постои недостиг на критериуми, на вреднување на одредени нешта и затоа во оваа пиеса најдов една нитка, која коренсподира и со сегашноста и со минатото, и со она што се нарекува борба за професорската титула на насловниот лик проф. Тарана – рече режисерот Горан Тренчовски.
Во претставата играат актерите: Кољо Черкезов (Тарана), Оливера Аризанова Мансбарт (Јоана), Бранко Бенинов (Еден) и Игор Тодоров (Друг).
Ова е петнаесетти професионален проект на режисерот Горан Тренчовски, во струмичкиот театар, кој од јануари годинава и официјално е вработен во матичниот театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.