| четврток, 6 декември 2018 |

Нова бактерија им се заканува на маслинките, цитрусите и грозјето

maslini

Европскиот комесар за здравство и безбедност на храната, Витенис Андриукаитис, прогласи „апсолутна будност“ за да се спречи ширењето на бактеријата која ги убива маслинките во јужна Италија, а им се заканува и на виновата лоза и на цитрусите.
Kомесарот најави дека наскоро ќе ја посети Италија за да ја испита ефикасноста на мерките за борба против таа епидемија која се појави во октомври 2013 година.

Европската Унија внимателно ја следи состојбата и бара да се сечат заболените стебла, рече литванскиот комесар на седницата на Kомисијата за земјоделство на Европскиот парламент.

Но, Брисел смета дека Италија, која означи како загрозена површина од 241.000 хектари во јужниот регион Пулја, пребавно ги сече стеблата под притисок на земјоделците, па затоа епидемијата се проширила се влошила состојбата.

Постојаниот фитосанитарен одбор на ЕУ би требало новите мерки да ги прогласи на 26 и 27 март, а Франција, Шпанија и Португалија бараат да се преземат уште построги мерки.

– Анализите укажуваат дека се заболени најмалку 10 отсто од 11 милиони стебла маслинки во Лече – изјави комесарот Андриукаитис.

Бактеријата „ксилела фастидиоса“, која предизвикува венеење на маслинките, ги загрозува и лозјата и цитрусите во Европа.

Во Италија, инаку, јакне отпорот против сечењето на повеќевековните масленици, а италијанското здружение „Пислинк“ во писмо до комесарот Андриукаитис наведува научни студии и укажува и на други фактори кои може да предизвикаат заболување на маслинките.

– Европската комисија го осудува на смрт целиот екосистем на Пулја врз основа на погрешни студии – предупредува ова здружение.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top