Кинескиот поет Беи Дао е лауреат на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2015 година. Одлуката денеска во Македонската академија на науките и за уметностите ја соопшти претседателот на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Славе Ѓорго Димоски, кој рече дека Баи Дао е еден од најистакнатите претставници на таканаречената „загадочна школа“.
Неговата потрага по сопствен поетски израз, посочи Димоски, е во корените на традционалната кинеска поезија, модернистичката поезија и влијанијата на западната литература, искуства кои ги стекнал живеејќи и творејќи подолго време во неколку европски држави и САД.
– Напорот да се открие природата сама по себе, да се препознаат колективните и лични рани, да се верува во инстинктивните перцепции се основните карактеристики на поезијата на Беи Дао, а централни теми во овој импресивен поетски плод се притисоците на конформистичкото општество, песимизмот, разочарувањето и чувството дека е без корен – додаде Димоски.
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска во обраќањето пред присутните рече дека Струшките вечери на поезијата се наш национален бренд и потврдуваат дека Република Македонија е земја која силно ги респектира различностите, културните вредности и автентичните поетики кои го чинат европското и светското културно богатство но, оваа манифестација на извонреден начин го збогатува и европскиот и светскиот културен простор.
– Веќе 54 години, во нашата земја, на „Струшките вечери на поезијата“ се слеваат (се обединуваат) зборовите на сите јазици во светот, кои сепак имаат една заедничка идеја, а тоа е љубовта кон поезијата и пишаниот збор – истакна Канческа – Милевска.
Творештвото на Беи Дао, посочи министерката, е особено значајно по своите естетски и поетички особености. Неговата поезија која изобилува со свежина и метафори, критичарите во своите рецензии ја оценуваат како автентична, уникатна и необично богата инвенција. Кинескиот поет, кој стана поетски глас на неговата генерација во 1970тите, денес е еден од најистакнатите личности на кинеската модернистичка белетристика, автор кој создал песни кои ги надминуваат границите на книжевноста на негово време – рече Канческа – Милевска.
Министерството за култура во моментот интензивно работи на реализацијата на еден исклучително значаен проект, Антологија на светската поезија која ќе содржи избор од најдобрите поетски остварувања во светски рамки и во која ќе бидат застапени и голем дел од лауретите на „Струшките вечери на поезијата“. Овој проект целосно ќе биде реализиран до крајот на 2016 година, додаде Канческа Милевска и му ја честиташе наградата на кинескиот поет Беи Дао.
Директорот на НУ Струшки вечери на поезијата, Мите Стефоски рече дека во својата поезија Беи Дао често се обидува да ја воведе техниката на филмската монтажа и со создавање сопоставени слики и промени во брзината, сака да ја поттикне имагинацијата на луѓето да го пополнат големиот јаз меѓу зборовите.
Во обраќањето кое беше прочитано во МАНУ, Беи Дао исктанува дека му претставува особена чест да биде добитник на наградата „Златен венец“ за 2015 година. Според традицијата на Струшките вечери на поезијата, вашата годишна награда, посочува Дао, создава синџир од поезија низ времето, кој може да се почувствува дури и во периодите на темнина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.