Разврската на случајот „Пуч“ нема да резултира со техничка влада. Нема да предизвика ниту предвремени парламентарни избори. Овој случај треба, и мора, да има правна, институционална и политичка разрешница, најави претседателот на македонската влада, Никола Груевски, кој првпат по обзнанувањето за акцијата „Пуч“ даде одговор на низата прашања кои се појавија во јавноста. Исто како и во првото обраќање по акцијата „Пуч“, во која Заев е четвртоосомничен, Груевски и овој пат упати сериозни политички пораки и до домашната и до меѓународната јавност.
- Ние мора да се одбраниме заеднички. И ќе успееме. Провокации ќе има многу. Некој сака сценарио кое ќе финишира со насилство и со сериозна криза. Ние нема да го дозволиме тоа – изјави Груевски.
Всушност, обраќањето на премиерот на 25 февруари е прво во многу аспекти. Се случи веднаш по признанието на делата по кои се товарат на дел од приведените за учество во прислушување на македонскиот политичко-општествен естаблишмент во соработка со странска служба. Ова беше прво обраќање на премиерот на темата „Пуч“ по објавувањето од него во јавноста дека опозицискиот лидер Зоран Заев го уценувал за формирање техничка влада заканувајќи му се дека снимените телефонски разговори меѓу високи политички функционери ќе бидат објавени. Истовремено, ова е и првото обраќање на претседателот на Владата за „Пуч“ откако Заев, онака како што најави, почна да ги презентира во јавноста „компромитирачките материјали“ – бомби од снимени разговори со кои се докажува „криминалното владеење на оваа власт“.
- Со признавањето на делото на еден од уапсените паднаа во вода сите обвинувања на опозицијата дека ние стоиме зад прислушувањето, за што, всушност, тие немаат ниту еден доказ – посочи Груевски.
- Тоа им беше само параван за да почнат со објавување и јавноста да ги ослободи од секаква одговорност и да ги разбере дека, нели, тие биле репресирани и сега ќе објавуваат какви нелуѓе сме биле ние. Па, шпекулираа со различни бројки, дека имало 26 илјади прислушувани, па 20 илјади и слично, сето тоа наменски, за да создадат страв кај луѓето дека којзнае што имаат за некој од нив, односно да имаат можност да го балансираат гневот на граѓаните од фактот дека едно лице како Зоран Заев го има нивниот приватен живот на компакт диск, дека го урива системот на оваа земја, дека директно ги нарушува државните интереси и ја урива приватноста на граѓаните, оцени премиерот Груевски.
Груевски: Нема да дозволиме насилство
Многумина прашуваат како би можело да заврши сево ова? На ова прашање граѓаните ќе го дадат својот одговор, преку довербата која ја даваат и ќе ја дадат на сите нас на политичката сцена. Времето и граѓаните се клучот, односно нивната определба дали сакаат да бидат вовлечени во ова деструктивно сценарио, подготвено и спакувано од страна, или ќе се насочат кон реалните проблеми и на тоа кој ќе има подобра понуда и подобри решенија за нивните проблеми, подобра програма и резултати.
Овој рецепт за урнисување на државата преку креирани материјали во соработка со странски служби, со наведувачки воведи на прес-конференции, нашата опозиција треба да го патентира. Вакво нешто досега никому не му текнало. Замислете колку сѐ би било полесно ако секој што претендира да биде сериозен политичар или партија и да води една држава, почне да соработува со служби и да креира материјал за да ја оцрни власта. Тогаш не се потребни ни проекти, ни програма, ни стручен кадар, тогаш е потребен само еден човек кој е доволно очаен, доволно лаком, доволно слаб за да прифати да соработува и да прибегне кон вакво сценарио. Но, времето, времето ќе им го даде најјасниот одговор на сите нив, но и на оние кои во даден момент ќе се поколебаат и на оние кои ќе им повлијаат во ова сценарио.
При обликување на претставата за сите нас, граѓаните нѐ анализирале, гледале како се однесуваме, како работиме, дали правиме добро или лошо. Граѓаните нѐ познаваат долго време, многу долго, и имаат јасна слика што можеме да направиме, а што не. Што е израз на нервоза, на лутина, вербални навреди, а што е суштина на нашите карактери. Ние, сепак, сме само луѓе, со сите наши слабости и со сите наши мани. И ние се радуваме, се смееме, се нервираме, погодени од навреди, клевети, местенки, и ние тажиме при загуби или лични вредносни порази. И ние сме луѓе. Гледам во изминатиов период главна задача која си ја задала опозицијата е да нѐ направи монструми, да нѐ направи нечовечни. И морам да признаам дека советниците од страна добро ги советувале како да тргнат. Нормално, целта им е да мобилизираат народ кој треба да им поверува на нивните клевети и конструкции и да почнат со протести, па да продолжат со пуштање креирани снимки, па протести, веројатно и некое насилство, и така да се занимаваме со ова, и буквално да нѐ киднапира сите нам сосе целата јавност во тој вител, а настрана од реалните теми и од потребите на граѓаните.
Тука сакам да истакнам две работи:
Граѓаните нѐ познаваат кои сме и какви сме. Со нив сме речиси девет години, некои од нас и подолго, и ни ги знаат и нашите мани и нашите доблести, и што можеме и имаме срце да направиме и што не можеме да направиме.
Од секој граѓанин зависи колку ќе трае ова и колку ќе го окупира неговото внимание.
Нашиот план е да се бориме против ова што ѝ се случува на нашата држава. И под тоа мислам да се бориме со аргументи, со факти, со нашето вистинско лице, а тоа е она кое граѓаните го познаваат сите овие години. Ние сме истите тие што ги зголемуваа платите, пензиите и социјалната помош, трчаат по светот по инвеститори и придонесуваат за отворање нови работни места, прават програми за самовработување, градат патишта, болници, инвестираат во здравството, им помагаат на земјоделците, сакаат да поправат нешто во образованието, истите што даваат бесплатни учебници, компјутери за секое дете, нови автобуси, булевари, водоводни и канализациски мрежи. Ние сме истите тие што работеа и сѐ уште работат со полна пареа на реалните проблеми, со наша програма и ветувања зад кои стоиме. Мнозинството граѓани гласаа за нас во континуитет речиси девет години. Имаме свои слабости, грешки, пропусти, но тие никогаш не се од стратегиско значење. Се трудиме многу. Граѓаните нѐ познаваат кои сме. Јас сум убеден дека ова што се случува сега со сите обвинувања на опозицијата и налетот на медиуми што се блиски до неа, со тоа што ставаат во контекст искреирани материјали од разговори, граѓаните нема да го прифатат, како што сум убеден дека вие многу добро нѐ познавате и внимателно ќе ги следите сите детали поврзани со ова.
Нервоза, пцости, гнев, лични негативни чувства, презир кон некого, вербални реакции од кои подоцна сме се срамеле или за кои сме се покајале сите ние сме искажале на различен начин, но важно е тие да не се суштината на нашето однесување. И вие добро знаете и граѓаните добро знаат дека не се, колку и некој да сака да ни го залепи тоа свесно ставајќи го во одреден контекст базиран на креирано сценарио.
Ние мораме да се одбраниме заеднички. И ќе успееме.
Провокации ќе има многу. Некој сака сценарио кое ќе финишира со насилство и со сериозна криза. Ние нема да го дозволиме тоа.
Техничка влада нема, Заев нека се помачи на редовни избори
- Ако сакав да прифатам (техничка влада, н.з.), ќе прифатев кога Заев ме уценуваше и условуваше со сите овие снимки. Значи одговорот е „не“ – посочи Груевски на новинарско прашање по обраќањето до јавноста. Не остана должен ниту за ставот дека политичката разрешница на оваа криза нема да се најде во предвремени парламентарни избори.
Груевски посочи дека немал цел да го замолчи Заев или да го спречи објавувањето на снимките, односно дека тогаш логично би било да ги прифати неговите уцени и барањата за техничка влада.
- Но, јас не го направив тоа. Овде играта не е Зоран Заев, тој е само еден најобичен инструмент, камиказа, овде играта е многу поголема, преголема за неговите сфаќања. Јас не сум човек кој функционира под закани и уцени, тоа е неприфатливо кон граѓаните и кон државата, да калкулирам за националните и за државните интереси. Сите факти и околности треба, и верувам дека ќе се утврдат низ транспарентна и објективна постапка – истакна Груевски.
Апсолутно е неточно, посочи тој, дека на средбите сме прифатиле техничка влада.
- Ако сум прифатил таква работа, тогаш зошто СДСМ не се врати во Собранието бидејќи тоа беше нивниот главен услов. Се работи за класична манипулација – истакнува Груевски.
Останувањето на опозицијата надвор од Парламентот, како и аферата со прислушувањето, влегоа и во извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија. Иако и овој пат Европарламентот, и покрај жестоките грчки противења со аргументите токму кои ги посочува опозицијата, успеа да протурка извештај со кој по шести пат се бара итно отворање на евроинтегративните преговори, останува отворено прашањето колкава криза може да предизвика ваквото однесување. Како една од мерките за кои се дискутира од надвор е т.н. албански модел, односно да помогнат европратениците од сестринските партии. Груевски, пак, посочи дека не е против посредници.
- Добредојден е секој што доаѓа со искрени и со чесни намери да ѝ помогне на Република Македонија – кратко одговори премиерот.
Дијалог со опозицијата е прифатлив во Парламентот бидејќи враќањето на опозицијата во Парламентот е начинот за излез од кризата. Но, додава Груевски, тие самите треба да се вратат во Собранието бидејќи за тоа се избрани од народот. Во таа насока, Груевски посочи дека е подготвен да разговара за подобрување на состојбата во Македонија во секој момент, освен за техничка влада.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 130. број на неделникот „Република“, 27.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


