| четврток, 6 декември 2018 |

Росоман ја доби првата спортска сала

росоман

Во состав на ОУ „Пере Тошев“ во општина Росоман денеска беше пуштена во употреба првата училишна спортска сала. Објектот е комплетно опремен со спортски реквизити и располага со гардероби, туш кабини, санитарни јазли, простории за сместување на спортските реквизити и посебни простории за наставници по спорт и спортски активности.

Спортската сала ја пуштија во употреба премиерот Никола Груевски, заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот на општина Росоман Стојанче Лазов. Нејкзината изградба е дел од владиниот проект за изградба и опремување 145 училишни спортски сали инвестиција вредна 24 милиони денари.

Како што беше речено, салата ги има сите услови и потребна опрема за спортски активности и квалитетна настава по физичко образование. Тука децата ќе се рекреираат, ќе спортуваат и ќе имаат можност за вистински развој на своите спротски таленти. Спортските клубови ќе имаат можност да тренираат, граѓаните да се рекреираат, а ќе има простор и за разни приредби и манифестации.

– Денешниот ден кај многумина ќе побуди вмешани чувства, чувства на радост и тага. Тага зашто од овие краеви се подигнати многу генерации на ученици кои никогаш порано за време на своето образование немале своја сопствена сала и вистински услови за физичко образование и развој на спортскиот дух. Жално и тажно е што никој порано не се заинтересирал да ја промени оваа состојба – истакна Груевски.

Според него, не само Росоман и ова училиште, туку во изминатите години имало голем број места во Македонија никогаш порано немале спортска сала.

– Но, тоа да го оставиме во минатото, да им служи на чест на оние кои денес фрлаат дрва и камења по оваа влада, а кога имаа можност нешто да направат не направија ништо за граѓаните на Македонија – нагласи премиерот.

Тој потсети на реализираните проекти во општината меѓу кои  изградба на фудбалско игралиште, повеќенаменско спортско игралиште, изградба на подрачно училиште во селото Паликура, реконструкција и санација на покривот и внатрешноста во ОУ во Росоман, како и зафати во неколку подрачни училишта.

Во делот на патната инфраструктура реконструирани се локалните патишта за село Трстеник и Сирково, реконструиран е патот Росоман – Паликура, а минатата година изграден е патот Паликура село Курија кој, според премиерот, е од исклучително значење за земјоделците од овој регион бидејќи за 11 километри се скрати патот до Неготино.

– Од големо значење за овој регион се и изградбата на брзиот пат Градско-Прилеп кој ќе го почнеме оваа година. Во соработка со општината обезбедивме посети од  доктор во селата Трстеник, Манастирец и Паликура, помогнавме за изградба на канализациски систем во село Сирково, постојано помагаме во субвенции за земјоделците како и голем број други проекти од значење за граѓаните – посочи Груевски.

Со изградбата на салата во ОУ „Пере Тошев“, се надоврза заменик министерот Ристовски, ќе  им се овозможат адекватни услови за изведување на наставата по физичко и здравствено образование на околу 400 ученици, како и изведување воннаставни активности, а објектот ќе биде достапен за сите заинтересирани жители на општина Росоман, за рекреација, одржување спортски натпревари и културни манифестации.

– При изградбата се испочитувани сите стандарди за градење ваков тип објекти, а особено внимание е посветено на енергетската ефикасност, сигурноста и квалитетот на вградените материјали – истакна Ристовски.

Салата, додаде градоначалникот Лазов, ќе биде од корист и за младите од општината кои сакаат да спротуваат и тренираат.

– Со овој спортски објект ќе го подигнеме спортскиот дух во нашата општина позната како земјоделска, но и како општина во која се цени спортот. Се надеваме дека со пуштањето во употреба на оваа спортска сала бројот на спортските клубови и спортисти кај нас ќе се зголеми – потенцира градоначалникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top