Неколку десетици крајно левичарски демонстранти вчера во центарот на Атина жестоко се судриле со полицијата, на првиот протест против Владата на левичарската СИРИЗА на премиерот Алексис Ципрас, која пред еден месец дојде на власт во Грција.
Демонстрантите палеле автомобили, фрлале чадни бомби, незадоволни од договорот што Владата го склучи со партнерите од Европската унија за продолжување на програмата за помош на земјата.
Педесетмината што се судриле со полицијата се издвоиле од поголема група од околу 450 демонстранти.
Грчкиот премиер Ципрас, дури по маратонски состанок кој траел над 11 часа со пратениците од својата партија успеа да добие поддршка за спогодбата со Еврогрупата. Меѓу пратениците кои инсистирале да не се прават компримиси со предизборните ветувања на СИРИЗА најгласен бил пратеникот на партијата во Европскиот парламент, Манолис Глезос, кој уште претходно ѝ се извини на грчката јавност зашто „поддржувал илузија“.
Предизборните ветувања на Ципрас беа отпис на барем дел од грчкиот долг, и, секако, крај на болните мерки за штедење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



