| четврток, 6 декември 2018 |

Зјелински: Вардар е силен, но ние ја победивме Барселона

Првиот човек на Висла Плоцк, Артур Зјелински, е оптимист пред двомечот со Вардар во осминафиналето во ракометната Лига на шампионите, што ќе се игра во март, а истакна дека „црвено-црните“ од Скопје се мошне незгоден ривал. Висла како третопласирана екипа во фазата по групи ќе биде домаќин на првиот меч што ќе се игра во еден од термините од 13 до 15 март. Во реваншот во скопскиот пекол една седмица подоцна Вардар ќе ги пречека Полјаците.

– Добивме многу тежок противник, ривал што не го посакувавме, но имаме еднакви шанси за пласман во четврт-финалето. Вардар одигра брилијантен меч против Рајн-Некар Левен што нѐ предупредува дека станува збор за квалитетна екипа. Нашата сала ќе биде преполна, вакви мечеви не се играат често и со нетрпение ги очекуваме гостите од Скопје. Вардар е силен, но ние ја победивме и Барселона сезонава. Зошто да не го репризираме успехот и против следниот ривал во Лигата на шампионите? – изјави Зјелински.

visla

Висла е тврд орев, особено на домашен терен каде што годинава ги победи и европскиот првак Фленсбург и гигантот Барселона. Фленсбург падна во Плоцк и беше поразен со 29-31, а Кирил Лазаров и соиграчите загубија со 3 гола разлика, 31-34. Висла од 5 меча на свој терен победи на 4, а само Колдинг славеше на жешкиот терен во Полска со 29-28.

Идентична е ситуацијата и со Вардар, а и нашиот претставник има биланс од 4 победи и еден пораз на домашен терен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top