| четврток, 6 декември 2018 |

Италијанска технологија во македонската винска индустрија

vino

Македонија да ги искористи предностите на италијанската технологија за поголемо, подобро и поквалитетно производство на вино, порачаа учесници на денешната конференција што ја организира Агенцијата за промоција на надворешната трговија при Амбасадата на Италија во земјава.

– Винскиот сектор во Македонија има голема традиција и со над 80 отсто извоз претставува особено битен индустриски сегмент. Одгледувањето на лозата е традиционално, а технологијата, иако најмногу италијанска и делумно француска, е претежно застарена. Капацитет за да се искористат најновите трендови и да се осовремени производството има, и тука Италија може да даде огромен поридонес – истакна директорката на Агенцијата Чинциа Бруно.

Според неа, Италија е лидер за енолошки машини во светот. Не постои винарија која нема барем една италијанска постројка за собирање, пакување или флаширање вино.

– Не само што располагаме со врвна технологија и иновации, што имаме искуство, туку сме многу конкурентни и во однос на цената, дури повеќе и од Германија – рече Бруно.

И италијанскиот амбасадор Ернесто Масимино Белели повика Македонија да ги искористи италијанските искуства во винарството. Освен осовременување на производството, интенцијата е, додаде, и да се зголеми размената на вино од двете страни.

– Македонскиот вински пазар е многу интересен, импресиониран сум од визбите што имав можност да ги посетам. Сите прават максимални напори за поквалитетна продукција, а ние сме подготвени максимално да помогнеме. Сакаме да го пренесеме најдоброто од Италија тука – потенцира Белели.

Како што потврди Ѓорѓи Петрушев, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“, италијанската технологија е веќе присутна во нашите винарии, но време е за нејзино осовременување.

– Изминатите 10 години се вложени многу средства во модернизирање на производството и воведување нови практики. Тоа даде резултати – веќе добиваме врвни награди на најголемите светски настани за вино – посочи Петрушев.

Со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, најголемите македонски визби се присутни на најзначајните саеми за вино, во Кина, САД, Русија,… Минатата година почна и новата пракса на поканување странски новинари кои најпрво имаат можност да видат и да научат многу за нашето вино, а потоа да ја раскажат приказната во нивната или други земји.

Во Македонија моментно се регистрирани 84 винарски визби, но сите не функционираат со полн капацитет. Под лозови насади се 25.000 хектари, а годишното производство на вино е 90 до 120 милиони литри. Веднаш по тутунот, виното е најизвезуван македонски производ. Лани се извезени 791.000 хектолитри од кои околу 66 отсто на европскиот пазар. Се зголемува и процентот на вино во шишиња, од 12 проценти во 2009 година, на 22 отсто во 2014-та. Лани од Македонија се изезени 17 милиони литри флаширано вино главно во Хрватска и Словенија, Србија, која досега беше наш најголем партнер, сега е на второ место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top