Македонската актерка Наташа Петровиќ (26) нестрпливо го чека 12 февруари, за кога е закажана премиерата на нејзиниот нов филм „Еликсир“, кој е германско-австралиска копродукција. Светската премиера на филмот, чијшто режисер е младиот Австралиец Броди Хигс, е на Берлинскиот филмски фестивал, кој оваа година ќе се одржи од 5 до 15 февруари, а филмот ќе се прикаже во програмата „Перспектива на германскиот филм“. Филмот се снимаше токму во Берлин, па оттаму и очекувањето е уште поголемо. Програмата е посветена на првите филмови на млади режисери. За убавата Петровиќ ова нема да биде прво учество на Берлинале. Во 2011 година таа учествуваше во програмата „Шутинг старс“ (Ѕвезди во подем) каде што се презентираат новите филмски ѕвезди со филмот „Како да ме нема“, кој се снимаше во 2007 година. Токму за улогата во тој филм Петровиќ ја доби наградата за најдобра млада актерка во 2011 година на Интернационалниот филмски фестивал во Сиетл.
Младата штипјанка течно зборува неколку јазици, меѓу кои и германски, италијански, шпански и често поради талентот и убавината ја споредуваат со легендарната актерка Ингрид Бергман.
Во филмот „Еликсир“,чијашто премиера е на 12 февруари на Берлинскиот филмски фестивал во рамките на програмата „Перспективата на германскиот филм“, ја толкувате улогата на Лексија, босанска бегалка. Може ли да ни кажете нешто повеќе за ликот?
ПЕТРОВИЌ: Инспириран од надреализмот како правец, Андре Бретон како негов претставник и неговото дело „Надја“,режисерот Броди Хигс,заедно со косценаристката Ања Ватроба, го создале ликот на Лексија. Лексија е лик за кој никој не знае која е,од каде доаѓа ниту каде оди,лик што е подготвен да направи сѐ во името на љубовта и на пријателството, но и лик што не е подготвен да се прифати себеси и сопствените стравови.
Дали сте возбудени пред премиерата? Ова нема да Ви биде прво учество на Берлинскиот фестивал. Што очекувате од филмот?
ПЕТРОВИЌ: Во 2011година бев дел од програмата „Шутинг старс“,која е дел Берлинскиот филмски фестивал, но годинава запрвпат гостувам со филм што ќе ја има својата светска премиера токму во Берлин,„Еликсир“,каде што пред точно една година и се снимаше.Се разбира дека сум возбудена. Секогаш е возбудливо кога првпат ќе имате шанса да го видите крајниот продукт на нешто на што сте работеле. Искрено се надевам дека ќе имаме убава премиера и дека сме направиле добар филм.
Вие сте една од најангажираните македонски актерки на филмското платно. Глумевте во „Сенки“, „Соба со пијано“, „До балчак“, а годинава Ве очекуваат и премиерите на „Лазар“ и на „Сведок“. Дали сте нестрпливи да ги видите премиерите на двата филма?
ПЕТРОВИЌ:Искрено се надевам дека ќе успеат постпродукциски да се завршат и двата филма годинава и да доживеат премиера.Секако дека сум нестрплива да ги погледнам, а воедно би била и,навистина,многу среќна кога би можела да заокружам три филмски премиери за годинава, што воедно и сметам дека би било голем успех за мене како млад актер.
Вработена сте во Театарот за деца и за младинци во Скопје, а во оперетата „Оливер Твист“ чувме и дека одлично пеете. Сите улоги во претставите Ви се исклучително забележителни. Дали беше вистински потег ангажирањето во Театарот за деца и за младинци?
ПЕТРОВИЌ: Веќе две години сум дел од тимот на Театарот за деца и за младинци.Многу сум среќна што сум дел од една ваква прекрасна екипа жедна за работа и која секогаш безрезервно се вложува во тоа што го работи.Благодарение на богатиот репертоар што го има Театарот за деца и за младинци, имаме можност постојано да се сретнуваме со публика од различна возраст, а тоа ја прави и возбудата поголема секогаш кога се играат претставите. Со самото тоа што сум задоволна и среќна во средината во која работам, можам да кажам дека сум направила вистински потег.
Зборувате течно повеќе јазици. Дали Вигодат комплиментите кога Ве споредуваат со Ингрид Бергман за талентот и за убавината?
ПЕТРОВИЌ: Ингрид Бергман е едно од култните актерски имиња и мислам дека секому би му годело кога би го споредиле со некој што има оставено таков печат во филмската индустрија, а со тоа,нормално,дека и мене ми годи.
Како сакате да се развива Вашатафилмска кариера со оглед на тоа дека веќе имате искуство во странски копродукциски филмови?
ПЕТРОВИЌ: Имам многу идеи за тоа како и што би работела во иднина, но некако се обидувам да не планирам премногу бидејќи секогаш е повозбудливо кога работите се случуваат спонтано.
Кој е следниот проект на кој работите?
ПЕТРОВИЌ: Сèуште не би можела официјално да кажам кој е проектот на кој следно ќе работам, но се надевам дека набргу ќе имаме можност повторно да поразговарамеза тоа.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.