Македонските општини Гостивар, Липково и Чаир и косовските Драгаш, Витина и Гнилане ќе спроведуваат проекти преку програмата на ИПА за прекугранична соработка на Европската унија, со грантови во износ од 2,16 милиони евра.
– Во претстојните 18 до 24 месеци избраните проекти ќе се фокусираат на заедничке активности од двете страни на границата на теми од социјално-економска соработка, животна средина, развој на туризмот, заштита на здравјето и родовата еднаквост, рече на презентацијата на проектите евроамбасадорот Аиво Орав.
Прекуграничната соработка, истакна, претставува клучен елемент на политиките на Европската унија со своите соседи. Активна, посветена и ефективна прекугранична соработка меѓу земјите вклучени во процесот на проширување, земјите-членки на ЕУ и другите партнери во рамки на Западен Балкан игра клучна улога во процесот за интегрирање во Унијата, наведе Орав.
Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани укажа дека целта на втората компонента на инструмент за прекуграничната соработка меѓу националните структури на двете држави е да се зголеми соработката преку обезбедување стабилност со помош на регионален развој на граничните области и рурален развој.
– Македонија досега успеа оваа соработка да ја воспостави со четири соседни држави. Со помош на овој инструмент како Министерство за локална самоуправа имаме среќа да ги собереме сите искуства ЕУ и да ги размениме со соседните држави со кои сме на ист пат за интеграција во ЕУ – наведе Шабани.
Според државниот секретар во Министерството за економија на Косово Беким Османи, проектите за прекугранична соработка ќе ја доведат до максимум соработката меѓу двете држави. Разликите, нагласува, треба да ги гледаме како богатство, а не како поделба и треба да ги искористиме за доброто на граѓаните од двете страни на границата.
– Живееме во многу богат регион и треба да ги споделиме предизвиците и целите на прекуграничната соработка, а на жителите кои живеат во тие региони и невладините организации и општините во овие зони да им помогнеме да имаат што е можно поголем успех и да имаат добар живот – рече Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.