Аристофановата „Лисистрата” напишана во четиристотини и единаесеттата година пред нашата ера, повторно ќе “оживее”, и тоа овојпат на штиците на „Театар Комедија“ во Скопје. Треба да го имаме предвид фактот дека овој текст не престанува да го буди љубопитството на режисерите, кои одново и одново нудат нови читања, нови поставки на сите светски сцени, секоја посебна и исклучителна на свој начин, а на сите сепак заедничка им останува неговата универзална вредност.
Лисистрата е приказна за една жена Атињанка, која ќе се обиде да го направи, она што никој пред неа не смеел да помисли, а камо ли да се осуди да го спроведе, а тоа е да ги собере жените од различните полиси(градови) од Грција на едно место и со една цел – да се спротистави на воспоставениот поредок (владеење исклучително на мажите и на војната) и да донесе мир. Таа, Лисистрата ќе умее да ја препознае силата на жената која со векови одлучила да остане покорна и од сферата на најдлабоката приватност ќе ја извлече интимата/сексот како оружје кое ќе ѝ зададе удар на целата олигархија, на неправедноста на системот во кој малкумина профитираат на грбот на сите, потребата за континуирана војна – Лисистрата од својата кожурка на затворен свет во четирите ѕида на огништето, ќе стане никулец кој е тука да креира нова насока на јавната мисла. Лисистрата може да биде прочитана и само како лоша замисла за она што претставува жена видена низ призма на еден маж, (Аристофан е сепак машки писател), а жените во целиот текст се претставени, како лековерни, промискуитетни, површни, но воедно не смее и не може да се предвиди и дека Лисистрата освен што е само вака опишана жена, далеку поважно е што претставува слика на разбудениот народ (полисот) и неговиот глас. И за мене една од поважните, ако не и најважната е пораката׃ Па дури и кога жената е поголем маж од сите мажи заедно, тоа го прави во име на мир.
А читањето, пак, на режисерката Наташа Поплавска ќе отиде и чекор потаму, прикажувајќи ја важноста на мажот и жената како целина – подеднакво важна и витална за опстанокот на општеството само по себе.
Одличната подела на улогите во која освен извонредна глума ќе чуеме и пеење, ќе видиме и играње, костимите на Елена Лука што совршено ја надополнуваат сликата, сценографијата на Емил Петров – визуелно чиста и прецизна, музиката на Огнен Анастасовски која е толку вклопена како да е самата срцебиењето на претставата, навидум лесна, а всушност комплексна, со точна мера кореографија на Олга Панго, секој поединечен и сиот заеднички труд, прават претстава вредна да се изгледа.
Актери:
Лисистрата – Јелена Жугиќ
Советникот – Атанас Атанасовски
Лампито – Жаклина Петровска
Спартанецот – Едмонд Сотир
Мирина – Нина Деан
Кинесија – Жарко Димоски
Калоника – Зорица Нушева
Федрија – Илија Илиоски
Кинесија – Кристина Ласовска
Старец – Валентин Костадиновски – Тино
Секој од наведените актери е поставен така што може да остави впечаток и со индивидуалната игра, но и да биде хармоничен дел од колективните сцени. Сите овие причини се чинат недоволни за да ја опишат важноста на оваа претстава, но сепак ми се чинат доволно добри за да ве натераат да ја погледнете ,,Лисистрата״ – премиерно на 21.12.2014 во 20 часот во Театар Комедија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Култната „Викенд на мртовци“ премиерно на сцената на Ттеатар Комедија
-
По пауза од 25 години Коле Ангеловски повторно ја режира „Не сега, драга“, сега за шестиот роденден на Театар Комедија
-
Коле Ангеловски ја режира „Не сега, драга“ во Театар Комедија
-
Синиша Евтимов во Театар Комедија ја подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“




