
Во пресрет на новогодишните празници, компанијата „Тинекс“ во следниве две недели ќе подели 1.600 новогодишни пакетчиња во училишта и установи за згрижување на деца од ранливи категории, болници, деца со посебни потреби и многудетни семејства низ државава.
Украсениот новогодишен камион со пакетчиња и Дедо Мразот денеска тргнаа низ Македонија со пораката дека секое дете треба да ја почувствува топлината и среќата на новогодишните празници. Караванот на „Тинекс“ ќе посети 40 институции како дневни центри, здруженија, училишта, заводи за рехабилитација и здравствени установи за грижа и згрижување на деца кои имаат посебни потреби во 11 градови низ Македонија. Тој ќе мине низ Куманово, Тетово, Штип, Струмица, Неготино, Кавадарци, Струга, Охрид, Прилеп, Битола и Скопје. Меѓу институциите кои ќе ги посети се и: СОС Детско Село, Домот за деца без родители „11 Октомври“, Здружението за деца со аутизам „Во мојот свет“, Дневниот центар за деца на улица „Шуто Оризари“, училиштето за деца со посебни потреби „Златан Сремец“ во Скопје, училиштето за деца со посебни потреби „Св. Наум Охридски“, Институтот за белодробни заболувања „Козле“, Детската Хирургија во Скопје, многудетни семејства ширум државата.
– Повеќето од нас од своето детство ги паметат токму деновите на исчекување на Дедо Мраз и Новата Година. Ние од „Тинекс“ ќе бидеме задоволни ако со овој наш караван успееме да предизвикаме барем една насмевка кај децата кои во овој момент имаат потреба од специјална грижа во установите ширум целата држава. Секое дете има право на новогодишна радост и среќа. Горди сме што Новогодишниот караван прерасна во една прекрасна традиција – изјави при тргнувањето на Караванот бренд директорката на компанијата, Цветанка Христовска, притоа заблагодарувајќи им се на сите организации и институции што се вклучија и ја поддржаа реализацијата на оваа благородна активност.
Новогодишниот караван е дел од активностите во платформата „Тинекс, ти и јас“, во чии рамки годинава се реализирани повеќе донации и активности во областите на здравството, образованието, спортот, заштитата на животната средина, културата и уметноста и кон социјално ранливи групи. Платформата „Тинекс, ти и јас“ е продолжување и интензивирање на активностите за заедницата што „Тинекс“ ги реализира во изминатите 20 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


