Рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави дека црноморскиот полуостров Крим кој во март годинава се присоедини на Русија, е руската судбина, повторувајќи го од претходно ставот на претседателот Владимир Путин, но и на огромното мнозинство Руси, а во опширното телевизиско интервју зборуваше и за односите со Украина, како и за санкциите на ЕУ и САД против неговата земја.
Црноморскиот полуостров Крим, населен доминантно со етнички Руси, откако по безредијата во февруари во украинската престолнина Киев беше соборена дотогашната власт, преку референдум ја врати автономијата што ја имал откако како дел од поранешната советска руска република во времето на комунистичката власт бил пренесен во украинската советска република и која беше укината по осамостојувањето на Украина во 1990-те и се реши да се присоедини кон Руската Федерација. Тоа Западот го смета за незаконски чин и за руско анектирање на украинската територија и воведе санкции, а поради стравувањата на руските соседи кои имаат руско малцинство ги засили своите единици во земјите членки на НАТО на Балтикот, како и во Полска.
„Крим не е економско прашање. Кога зборуваме за Крим…, сфаќаме дека тоа е нашата историја, нашата судбина и нашата болка.. и дека таму има голем број наши луѓе коишто оваа година гласа да се вратат во Руската Федерација“, рече Медведев во обемното интервју за руската телевизија.
Што се однесува до односите Украина, рускиот премиер истакна дека преку давањето попусти на својот сосед поранешна советска република, почнувајќи од 1990-те од нејзиното осамостојување, Русија всушност и’ подарила повеќе од 80 милијарди американски долари.
„Само за попустите за гасот и’ подаривме на Украина повеќе од 80 милијарди долари. Им го дававме гасот за 40 до 50 долари за илјада кубни метри и дури од неодамна преминавме на цивилизираните методи за определување на цените“, порача Медведев.
Премиерот на Руската Федерација, исто така, го истакна своето жалење поради, како што рече, тоа што украинските партнери не секогаш се однесувале на ист цивилизиран начин кон Русија. „Обично тоа беа бескрајни преговарања, понекогаш на работ на уцена и многу често, за жал, тие беа придружени со банални кражби на гасот од гасоводите“, рече Медведев.
Во врска со санкциите и односите со европските партнери, кои се на најниско ниво од крајот на идеолошката блоковска Студена војна и санкциите против Русија, Медведев оцени дека во следните две години економијата на Европската унија може да загуби 90 милијарди евра. „Нашата економија по воведувањето на санкциите, најверојатно загуби неколку десетици милијарди долари. Меѓутоа, според процените на нашите економисти, европското стопанство оваа година веќе загуби 40 милијарди евра, а следната година ќе изгуби 50 милијарди евра“, појасни премиеров и порача дека санкциите никому не му одат во полза.
Медведев, исто така, ја оцени и американската политика кон Русија како несоодветно и непредвидлива. Рече дека ги одржува добрите лични контакти со американскиот претседател Барак Обама, но дека однесувањето на администрацијата на САД наликува на непријателско.
„Не станува збор за нашите лични односи, тие и сега се нормални, дури и добри. Прашањето е во адекватноста и предвидливоста на партнерот, и на тој план, за жал, сегашната американска администрација се однесува несоодветно и непредвидливо, и покрај добрите односи и почита кон моите колеги, партнери и претседателот на САД“, рече рускиот премиер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


