
Oд денеска до сабота по четврти пат во Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ќе се одржи саемот за роботика „РобоМАК 2013“.
На саемот ќе учествуваат околу 80 домашни и 30 странски учесници, кои по петдневна обука ќе се соберат да ги одмерат силите на своите роботи во повеќе категории.

Целта на „РобоМАК 2013“ е популаризација на роботиката меѓу македонските и европските студенти и средношколци.
Водени од големиот успех од минатите години, „РобоМАК 2013“ воведува нови категории со нови роботи и внесува модификации во академскиот дел на настанот. Учесниците во текот на курсот ќе учествуваат на предавања, а истовремено ќе работат во меѓународно мешани тимови и ќе ги склопуваат своите роботи, развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за натпреварот. Целата манифестација ќе кулминира на 16 март кога во Македонската опера и балет ќе бидат прогласени победниците во категориите:
• Роботска трка/лавиринт – роботите поминуваат низ најразлични пречки и се обидуваат да го најдат излезот за да стигнат до целта, победник е оној робот што ќе постигне најкратко време.
• Сумо – два робота се борат меѓу себе за едниот да биде исфрлен од рингот.
• Роботска рака – механичка рака која ги симулира движењата на човековата рака.
• Хуманоид – се оценува комплексноста на изведената точка.
• Кармагедон (Пололуробот) – тимовите изработуваат програма на симулатор.
Програма на „РобоМАК 2013“
Отворање на настанот
Настанот свечено ќе биде отворен во амфитеатарот на ФЕИТ на 12 март со говорите на деканот на ФЕИТ, претседателот на ИЕЕЕ, претставници од студентските организации, претставници од Владата на Република Македонија и претставници од поддржувачите на проектот. По отварањето, следува коктел.
Винска вечер
За многуте учесници од странство, но и за сите учесници на „РобоМАК“ вистинско задоволство ќе биде „Винската вечер“, на која ќе се промовира винската култура во нашата земја и претставува традиција во рамки на студентската организација ЕЕСТЕК ЛК Скопје. За оваа вечер внимателно се одбрани повеќе сортни бели и црвени вина во вкусна комбинација со традиционални специјалитети, како и зачинети со музика во духот на виното и доброто расположение.
Интернационална вечер
Вечер на која на секој студент-учесник ќе му се овозможи да ја претстави својата земја преку традиционалната музика, кујна и игри. Оваа вечер претставува одлична можност, покрај науката, да се даде внимание и на културата. Интернационалната вечер се одржува со цел запознавање на студентите со различните култури и традиции, со што се придонесува кон градењето идни космополити.
Финале
По завршување на предавањата и изработките, натпреварувачите ги соочуваат своите роботи. Комисијата и публиката ги одбира своите фаворити, кои ќе се стекнат со признаени сертификати и награди за својот труд. Овој интересен настан ќе се случува во Македонска опера и балет на 16 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


