Шампионот на Македонија МЗТ Скопје кој годинава не му цветаат розите ниту во АБА лигата ниту во домашниот шампионат успеа да победи во СЦ „Јане Сандански“ против тимот на Левски со 72-61.
МЗТ многу лошо го започна натпреварот. Им дозволи на гостите во еден период од играта да се одлепи на високи 19 коша разлика и оправадано да добие свирежи од малубројната публика (31-50). Избранциите на тренерот на Левски Тити Папазов до овој момент играа полетно брзо и лесно постигнуваа поени.
Кон средината на третиот период Боби Митев побара тајм-аут за да ја консолидира играта на металците. Од тој момент на паркетот како излезе сосема друг МЗТ. Одбраната цврста како ѕид, нападот прецизен со погодени тројки и брзи контри. Разликата на Левски се топеше од минута во минута. Тогаш се разбудија и Фемили Аеродром кој зачудувачки не дојдоа во вообичаениот број.
Се создаде одлична атмосфера и со тројата на Дамјан Стојановски беше запишано првото водство 59-56 кое не беше испуштено до крај. По само неколку моменти Дамјан се пожали на повреда во коленото, и на раце беше изнесен од своите клупски другари и до крајот не се врати на теренот.
Ова беше четвртата победа на МЗТ во ова натпреварување наспроти седумте порази.
Следниот натпревар за македонскиот шампион е веќе в среда во рамките од македонскиот шампионат, а играат против Карпош Соколи на домашен терен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


