Битолскиот народен театар прослави 70 години постоење. Зад Вас се многубројни премиери, гостувања, колективни и групни актерски награди, учество на многубројни театарски проекти во земјава и во странство. Што значи да се биде на чело на една ваква институција? Дали чувствувате задоволство и обврска?
Светозарев: Се разбира. И чест и задоволство е да се биде дел од еден „голем“ континуитет. Континуитет од 70 години успешно работење, создавање и творештво. Кога деновиве, пред големата прослава, се занимававме со бројки и со статистика, дојдовме до фантастични 531 премиера изведени во овој период. Ако сакате посликовито, по седум и пол премиери годишно или премиера на секои 45 дена во последните 70 години. Еден континуиран творечки маратон на кого можат „бело“ да му позавидат многу наши колеги. Кога кон ова ќе го додадеме и квалитетот на нашиот „театарски производ“, сликата се заокружува, но и обврската да не се застана, да не се почувствува творечки умор, да не се загуби желбата за игра, љубопитноста за истражување, храброста кон новите предизвици. И, се разбира, огромна е обврската да сте на чело на олку успешен тим.
Битола е театарски град и, несомнено, го има најуспешниот театарски ансамбл во Македонија. Каква беше Вашата визија кога застанавте на чело на битолскиот театар и дали успеавте да ја реализирате?
Светозарев: Само ќе додадам – најтеатарски град затоа што, ќе го цитирам големиот поет и писател Јордан Плевнеш: „Битола/Во неa и воздухот мириса на театар“. Мојата визија за театарот беше, а и е, многу, многу едноставна. Тоа не беше никаков новитет и совршено добро знаев дека не измислувам топла вода. Во два збора кажано, сите проблеми, колку и да немаат на прв поглед врска со театарот, да се решаваат токму со театар. Со избор на добар текст, интересен режисер, со обиди да се стане значаен дел од театарска Европа итн. Но, сè со театарот и за театарот.

Вие добро го познавате битолскиот театар бидејќи поголем дел од својот работен ангажман сте го поминале во него. Кога дојдовте на оваа функција, театарот беше во финансиска криза, долгови, слаба посетеност… Како се справивте со сето тоа?
Светозарев: На овој или на оној начин, дел сум од Народниот театар – Битола четврт век или 25 години. Но, можеби, за мене е најважно дека на неговата сцена сум поставил околу 150 сценографии или по шест претстави годишно последните 25 години. Така што сум го запознал театарот и со очите на Шекспир, и со очите на Гогољ, на Лорка, на Хорват и на Плевнеш и на Стефановски… и на една бескрајната редица писатели и драматурзи, но и редица режисерски имиња со кои сум имал можност да соработувам. Ќе се согласите дека мојот театарски багаж воопшто не е лесен. И, како што реков, сите проблеми ги решаваме и ќе ги решаваме со театар и само театар. За тоа нè учи историјата, и нашата и светската. Светскиот театар не преживувал само финансиски кризи и долгови, ами и многу, многу пострашна голгота, забранувања, непризнавања, понижувања. Но, од сето тоа излегувал секогаш помлад, подуховит, поенергичен, по самосвесен итн. Така беше и со нашиот театар. Но, за нашиот, како и за кој било друг театарски организам, треба да се знае дека тоа е света работа. Света работа на која не треба да се заборава, на која не смее да не ѝ се посветува голема љубов и внимание. Тоа е храната од која тој живее и опстојува.
„Битола Шекспир фестивал“ се покажа како одличен проект, со изграден концепт… Вие сте човекот што го донесе Шекспир на Широк сокак. Дали сте задоволни од реализираното досега и што да очекуваме во следното издание?
Светозарев: Долгогодишна идеја на сегашниот уметнички директор на НТБ, Благој Мицевски, беше името на Шекспир да го поврзе со македонскиот театар. Кога стана мој прв соработник, нормално беше еден од главните предизвици да ни биде и токму „Битола Шекспир фестивал“. Се разбира, не беше сѐ така просто и едноставно и, секако, дека оваа голема идеја немаше да ја има својата реализација доколку ја немавме силната поддршка од Министерството за култура, од Општина Битола, но и од големиот број театарски пријатели што НТБ ги има насекаде низ светот. Не можам да го сокријам задоволството дека за две години на нашиот фестивал се појавија маркантни театри со уште помаркантни претстави. Од театарот Глоуб од Лондон до националните театри на Пекинг и на Мексико. Да не заборавам за руско-македонската копродукција на „Ромео и Јулија“ и она што нè очекува во иднина, една голема американско-македонска копродукција.
На крајот, ќе ми дозволите длабоко да ѝ се поклонам на нејзиното величество, публиката затоа што без неа и нејзината поддршка не ќе бевме ни ние ни нашите 70 години успешна работа.
(Разговараше: Невена Поповска
Текст објавен во 117. број на неделникот „Република“, 28.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


