Германија е актуелен светски првак, до круната стаса на импресивен начин во Бразил, а доминацијата продолжува и во Европа, во Лигата на шампионите и во Европа Лигата на УЕФА.
Во претходните три дена се играа натпреварите од третото коло во двете престижни натпреварувања, а учинокот на Германците е брилијантен. Шест победи, без реми и пораз со вкупно 26 постигнати погодоци. Подобра потврда за доминација и не може да има. Баерн беше најубедлив, ја демолира Рома во вечниот град со 7-1 и потсети на бразилската епизода на репрезентацијата на Германија. Борусија Дортмунд го растури Галатасарај на нашиот Горан Пандев со 4-0, а ист број голови постигна и Шалке 04 во победата од 4-3 против Спортинг Лисабон. За да биде беспрекорна низата се погрижија фудбалерите на Баер Леверкузен со триумф од 2-0 против Зенит. Лига на шампиони, врв на клупскиот фудбал, а Германците си поигруваат со противниците со четири победи и гол разлика од 17-4.
Следи Европа Лигата на УЕФА, второ по квалитет натпреварување на стариот континент, а и тука газат Германците. Волфсбург рутиснки ја мина руската зима и со 4-2 го победи Краснодар, а се распука Борусија Менхенгладбах. Пукна петарда во кипарската мрежа, а Аполон настрада со пораз од 0-5. Или сумирано учинок за паметење на германските клубови, шест победи, 26 гола и невидена доминација во исто коло на европската клупска сцена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.