
Два месеци откако Социјалдемократскиот сојуз го најави столбот „Работиме заедно“ од новата партиска стратегија, според која 5.000 партиски тимови требаше да излезат на терен, македонските граѓани не виделе ништо од најавите.
По речиси 50 дена летен одмор, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во август најави дека новата стратегија треба да ги искомуницира сите граѓани со кои заедно ќе се барале решенија за проблемите.
„5.000 тима ќе работат од врата на врата со акцент на граѓаните и нивните секојдневни проблеми и формирање централен систем на комисии, како еден вид паралелни институции. Тоа не значи влада во сенка, туку опозициски институции кои ќе испорачуваат конкретни предлози“, најави тогаш најголемата опозициска партија.
Бомбастичната прес-конференција на Заев наскоро прерасна во уште едно празно ветување. Даденото ветување на Заев прерасна во уште една лага и фијаско. Човекот кој не може да го одржи зборот и да спроведе реформа во сопствената партија, како ли бара од граѓаните да му веруваат и да му дадат поддршка да води држава.

Иако досега ниту еден граѓанин не видел ни еден тим на терен, а медиумите, дури ни тие под контрола на опозицијата, не забележаа ниту еден контакт со јавноста, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, тврдеше дека тие се веќе на терен. Освен ако не мислеше на оние функционери на СДСМ коишто со парите од општинската каса на Центар ручале по кафеани, други тимови никој жив не видел.
Според Шилегов, партијата избегнувала своите интерни активности да ги промовира пред јавноста и затоа сѐ се случувало далеку од очите на јавноста, но не кажа дали можеби активностите се кријат и до граѓаните дури и од своето членство во некои општински организации коишто немаат поим дека ваквата операција веќе почнала.
„Петте илјади тима кои СДСМ ги најави како дел од својата нова стратегија веќе се на терен“, изјави Шилегов пред 40 дена.
Септември, кој се сметаше за клучен месец во кој требаше да се операционализираат плановите на Заев и раководството на СДСМ, одамна помина, октомври е веќе во втората половина а од 5.000 тимови кои требаше да ги „прочешлаат“ сите македонски семејства одејќи од врата на врата нема никаков знак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


