Ако постои можност за трансакции, тие веќе се направени, а преговорите меѓу партиите се само за пред луѓето, вели пратеникот од БСП Захари Георгиев, кој е дел од преговарачкиот тим на социјалистите за поддршка на кабинет на ГЕРБ. Тој најави дека малцинска влада по изборите во Бугарија нема да има.
– Јас сум сигурен дека ако постои можност за договори и договор, тие веќе се направени. Тоа што го гледаме, од една страна, е да се информираат граѓаните за официјалните позиции и да се види дека е направен обид за формирање влада – рече Георгиев.
– Причината е дека Борисов не сака да покаже дека зад сцената има односи со други партии – рече пратеникот објаснувајќи дека мисли на ДСС и други од помалите партии.
Захари Георгиев повторно објасни дека има разлики меѓу позициите на БСП и на ГЕРБ, најмногу во однос на приходите. Во исто време тој ја потврди посветеноста на социјалистите да поддржат приоритети важни за државата. Пратеникот објасни и дека за време на средбата БСП се изјасниле дека нема да ја попречуваат работата на парламентот и да си играат со кворум, како што правеа ГЕРБ.
-Рековме дека ниту ќе го бламираме парламентот, ниту ќе се правиме интересни. Треба да се работи за нешто подобро – вели Георгиев.
Вчера, пак, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов беше задоволен од консултациите со БСП. Социјалистите беа поканети прв на разговори за приоритетите на управувањето од победникот на изборите. Вестите велеа дека, очекувано, двете партии не успеале да ги доближат ставовите и да излезат со заеднички став за повеќето од приоритетите, за кои сметаат дека се важни, иако одржаа повеќе од четири часа консултации.
Сепак, Борисов истакнува дека ја цени толерантната политички дебата меѓу дијаметрално спротивни партии како ГЕРБ и БСП.
„По одржувањето на денешните консултации уште еднаш ми се зацврсти ставот дека при водењето на дијалог со нормален тон дури одговорот ’не‘ не ги навредува страните во разговорот“, коментира лидерот на ГЕРБ на „Фејсбук“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


