| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе имаме мака со Украина, тие имаат опасни крила, Македонија остана без бекови

Македонија ќе има тешко гостување во Лавов против Украина во третото коло од фудбалските квалификации за настап на ЕП во Франција, а проблемите во нашиот табор само се зголемуваат. По повредата на Агим Ибраими, кој сигурно нема да игра против Украинците, извесно е дека ќе отсуствува и Мухамед Демири, веројатно најдобриот македонски играч на натпреварот со Луксембург. И тој се пожали на повреда, па ќе го нема во составот со патници за Лавов.

Неизвесен е настапот и на десниот бек Стефан Ристовски, што го запали алармот во таборот на македонската репрезентација. Добар лев бек немаме одамна бидејќи Цуцули и Алиоски не се во форма, ниту играат на потребното ниво во овие квалификации.

Алтернативи речиси и да нема, а и кус е периодот меѓу дуелите со Луксембург (вчера победивме со 3-2) и натпреварот со Украина, в недела од 18 часот во Лавов, за да се најдат соодветни замени.

А, против Украина сигурно ќе бидеме на мака ако се знае дека тие во составот имаат одлични крилни напаѓачи. Андриј Јармоленко е едно од најнадежните десни крила во Европа со огромно искуство. Иако има само 24 години, офанзивецот на Динамо Киев „собра“ 40 настапи за украинската репрезентација и редовно игра во Лигата на шампионите.

andrij

Јармоленко е брз и доста вешт фудбалер со силен удар и е мошне незгоден за чување. Македонската репрезентација има сериозен проблем на левата странична позиција во дефанзивниот дел, а ако сакаме успех и подвиг во Лавов, ќе мора да се најде чаре како да се сопре Јармоленко.

Селекторот Бошко Ѓуровски ќе мора да смисли тактика и како да се неутрализира 25-годишниот Евгениј Конопљанка, фудбалер што блеска на левата странична позиција во нападот на Украина. Конопљанка игра за Дњипро, екипа што во последните неколку сезони постојан учесник во Лигата на Европа и е при самиот врв во силното украинско првенство. Егениј израсна во едно од најдобрите леви крила на стариот континент, а игра одлично и за репрезентацијата. Дњипро за него ја одби понудата од Ливерпул вредна 20 милиони евра, што говори за каков играч станува збор.

jevhen

 

Украина разочара на стартот и претрпе заслужен пораз од Словачка во Киев со 0-1, но се извади со победа од 2-0 во Борисов против Белорусија. Имаат добра селекција на фудбалери што играат во реномирани клубови од калибарот на Шахтар Доњецк, Динамо Киев, Дњипро, Металист…, екипи што се редовни учесници во европските купови, со мошне солидни резултати. И што е најинтересно, сите играчи на кои смета селекторот Фоменко играат во домашниот шампионат, освен Тимошчук, кој е член на рускиот прволигаш Зенит.

 

Пишува: Зоран Поповски

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top