За него Миленко Неделковски рече дека е бренд за македонското спортско новинарство, а со него спортскиот дел од вестите стана интересен и за девојките.
Како дел од младата генерација спортски новинари, на почетокот на кариерата Златко Андоновски внесе свежина во телевизискиот простор на „Канал 5“, а дека спортот му е во крвта докажа и со моменталната работна позиција како портпарол на Фудбалската федерација на Македонија. По пауза од повеќе од три години, Андоновски се враќа на телевизија со нов концепт емисија, која е именувана како „Во недела попладне“ и е производ на „Томато продукција“, а нуди двочасовна забава на ТВ „Алфа“.
Нова емисија, нов почеток. Колку што видовме од изминатите три-четири емисии, се трудиш да направиш нешто неконвенционално, нешто поинакво, како мислиш дека го прима тоа публиката?
Андоновски: Мислам дека целиот концепт на емисијата е поинаков од тоа што сме навикнале да го гледаме досега, особено во последните неколку години на македонските телевизии. Се обидуваме да внесеме ведрина во тоа што го правиме и за тие што не гледаат. Мислам дека успеваме иако е многу тешко во нашата земја секоја недела да најдеш соговорници, не еден, туку три-четворица, кои на вистински начин ќе го прифатат тоа што го правиш или го прашуваш, но мислам дека напредуваме и мислам дека гледачите го прифатија тоа на вистинскиот начин. Првите критики се позитивни, што е многу важно за нас како екипа која го работи целиот проект. Јас се радувам прво затоа што се вратив на телевизија по пауза од три години, иако знаев дека тоа е само довидување, а не збогум, и се радувам што работам со една екипа која е посветена на проектот, визуелно изгледа прекрасно и тоа е начинот на кој ќе продолжиме. Ќе се обидеме само да се надоградуваме од емисија во емисија.
Колку е тешко да се најдат познати личности во Македонија што ќе прифатат нешто поинакво, на пример да се бориш со нив во емисија или слични работи?
Андоновски: Тоа е начинот на кој јас комуницирам со гостите затоа што во секоја работа подготовката е најбитното нешто. Гостите го прифаќаат тој начин на работа и го работат со радост. На пример, последната борба со олимпиецот Шабан Трстена за мене беше неверојатно искуство и многу ми беше драго што и тој беше радосен на таа борба. Се обидуваме да внесеме такви елементи во емисијата затоа што тие се интересни за гледачите, сите знаме на кој начин Шабан Трстена направи салто пред 30 години во Лос Анџелес, но да видиме во каква форма е денес. Или кога Борис Пауновски ни објаснува за неговиот начин на работа во радио, или колку Рубенс Муратовски е фанатик за Ливерпул, или на кој начин ја побарало момчето Ева Скендеровска, со кое случајно се сретнала во метро во Њујорк. Тоа е искуството што го имаме, што го црпиме од некаде и им го предаваме на гледачите.
Кој ти е следен предизвик, со кого би сакал да се соочиш во емисијата?
Андоновски: Да играм баскет, еден на еден, со Перо Антиќ. Тоа, веројатно, би било предизвик за него. Јас ги сакам тие работи, да избегаме малку од патеката на која сме навикнале да газиме, со мерак да ги правиме работите. Втора работа е тоа што толку многу го сакам спортот што понекогаш ми е опсесија, а не само секојдневна работа. Тие моменти за мене се неверојатно искуство и ги сакам, и веројатно ќе продолжам да ги правам.
Неделното попладне самото по себе асоцира на фамилијарно време за дома и за следење натпревари. Значи ли тоа дека во емисијата ќе продолжите со спортски гости и теми?
Андоновски: Тие два часа се фокусирани на спортот, на забавата, на културата, на уметноста и на актуелните настани. Не мора да значи дека спортот ќе го има целиот фокус во тие два часа, но во овој период тоа се случува, имавме интересни настани и токму поради тоа фокусот беше на спортските активности. Од друга страна, спортот привлекува најголемо внимание, сакале да признаат другите или не. Народот се радува и тагува поради резултатите што ги остваруваат спортистите, се радува кога некој наш пејач или уметник ќе направи успех на меѓународно ниво и сака да слушне за тие работи, како дошло до тој успех, како го постигнале. Навлегуваме малку и во приватноста на гостите, нешто што исто така секој сака да го слушне.
Самиот плакат за емисијата, во стилот на господин и госпоѓа Смит, е интересен, што значи балансот ти го одржува една млада и убава дама. Колку македонските жени ги бидува за спорт? Колку твојата колешка Даниела се снајде на тоа поле?
Андоновски: Ги бидува ако се трудат, ама треба да им го наметне тоа некој за да го засакаат вистински, во секоја друга варијанта ќе бидеме во расчекор. Можеби и јас ќе бидам во расчекор ако е во прашање храната или модата, работи што повеќе ги интересираат жените. Спортот е наша алатка, на мажите, која ние толку многу ја користиме и, сакале или не, им го пренесуваме на луѓето што се до нас, било да е тоа во домот или на работа.
Миленко за тебе во еден момент кажа дека си бренд за македонското спортско новинарство. Како го коментираш тоа?
Андоновски: Да слушнеш нешто такво од човек што толку многу поминал, и сито и решето, во спортот и во целото општество, е комплимент, а особено што доаѓа од човек што ретко дава етикети. Не знам дали сакам да имам толку бурен новинарски или приватен живот како неговиот, ама, во секој случај, Неделковски има толку многу искуство и мене ми е драго кога ги слушам сите тие негови приказни и црпам од него работи што мислам дека ќе ми користат.
Ти си и новопечен татко, како се снаоѓаш во таа животна улога?
Андоновски: Татко на деветмесечно бебе. Ова беа најубавите девет месеци во мојот живот. Мате се роди на 22 ноември, крстен е по великанот Мате Парлов, славниот боксер, големиот боем, несудениот актер, човек што има вредности кои сакам моето дете да ги има и, веројатно, на тој начин ќе го воспитуваме. Исто реагираме со мајка му кога плаче, на поинаков начин ги решаваме работите. Менуваме пелени на различен начин, му даваме млеко на различен начин, а тоа го правиме подеднакво исто со многу љубов.
Разговараше: Марина Костовска
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


