| четврток, 6 декември 2018 |

Златна „Камера 300“ за кинематограферот Валентин Васјанович од Украина

Украинскиот кинематографер Валентин Васјанович е годинешен добитник на највиското фестивалско признание на ИФФК „Браќа Манаки“-Битола, наградата златна „Камера 300“. Васјанович е награден за неговиот дебитантски филм како снимател и монтажер „Племето“.

Во своето образложение, меѓународното стручно жири предводено од израелецот Ѓиора Бејач, соопшти дека филмот е совршен пример за поврзување на сценарио, режија, глума и монтажа и еден навистина нов пристап кон филмската камера. Тоа беше доволно за едногласна одлука на жирито за доделување на наградата златна „Камера 300“ на
кинематограферот Васјанович.

Сребрената „Камера 300“ ја доби Ричард Ленчевски, кинематографер од Полска, кој по третпат освојува фестивалско одличје. Ленчевски во 2001 година доби златна „Камера 300“, во 2005 година беше награден собронзена „Камера 300“, а годинава сребрена „Камера 300“ за филмот „Ида“.

Бронзената „Камера 300“ годинава отпатува за Велика Британија кај кинематограферот Ентони Тат Редклиф, кој во своето видеообраќање посочи дека морал да ја напушти Битола заради свадбата на неговата сестра. Наградата бронзена „Камера 300“ , Ретклиф ја доби за филмот „‘71“ кој е мотивиран од конфликтот во Северна Ирска и граѓанска војна во 1971 година.

Според востановената традиција, меѓународното стручно жири додели и Мала Златна „Камера 300“ која годинава му припадна на кинематограферот Константин М. Есадѕе од Грузија за краткометражниот филм „Динола“.

Свеченото затворање на 35. издание на ИФФК „Браќа Манки“ мина во знакот на македонскиот режисер Милчо Манчевски кој од страна Друштвото на професионалните филмски работници на Република Македонија ја доби наградата „Златна ѕвезда на македонскиот филм“, но и во знакот на македонската премиера на филмот „Деца на Сонцето“ на режисерот Антонио Митриќески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top