фото: архива
Закани по живот, пцовки и по некоја клоца. Вака кошаркарите на Кожув вечерва биле испратени од гостувањето во Сарај кај Лирија, откако натпреварот го завршиле со минимален пораз од 79-78. Спортскиот директор на прволигашот за мкд.мк вели дека прв пат во неговата кариера се радувал на пораз, затоа што во спротивно бил убеден дека ќе биле линчувани од преагресивните навивачи. Кожув имале шут за победа во последната секунда, но топката завршила во обрач, а со тоа и екипата спасила жива глава, раскажува Димитар Димитров.
„Тоа што се случуваше вчера немаше никаква врска со кошарката. Атмосферата беше тензична од првиот до последниот момент, а навивачите добиваа дополнителна сила од непригодното однесување на дел од играчите на Лирија, пред се на ветераните Тони Симиќ и Диме Тасовски, кои наместо да ја смируваат ситуацијата влеваа дополнително масло врз огнот“, дополнува Димитров.
Стручниот штаб на Кожув и спортскиот директор на клубот, според неговите зборови, имале најголеми проблеми за време на паузата помеѓу двете полувремиња.
„На полувремето до мене дојдоа неколкумина од раководството на клубот заканувајќи ми се со смрт ако во продолжението барем еднаш станам од клупата бидејќи ја имав улогата на службено лице на вчерашната средба. Се стаписав бидејќи во една таква пеколна атмосфера такви закани навистина сериозно ги сфаќате. Ништо подобро не минаа ниту нашите тренери. На првиот стратег, Марјан Србиновски, му беше удрена клоца на заминување кон соблекувалната бидејќи во салата во Сарај не постои тунел па на патот кон таму мора да минете низ група воинствени и непријателско расположени навивачи, додека неговиот помошник беше полеан со шише вода. Добро е што и покрај сите овие проблеми тренерот и играчите излегоа на теренот како ништо да не било ја продолжија спортската борба“, вели Димитров за мкд.мк.
Од управата на Лирија тврдат дека поплаките на спортскиот директор биле измислица и немале врска со реалноста.
„Никому ништо не му фалеше вчера во Сарај. Факт е дека публиката во неколку наврати реагираше бурно, но само поради провокациите што доаѓаа од спортскиот директор на противникот и кошаркарот Игор Мијајловиќ, кој креваше три прста по постигнат кош. Но и покрај тоа, немаше никаков физички контакт врз ниту еден член од експедицијата на Кожув. Факт е дека на полувремето имав разговор со Димитров, но само да му укажам дека треба да се однесува спортски, а не да провоцира со своите реакции од клупата“, изјавил за мкд.мк Зекирија Рамадан, член на управата на Лирија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Избегнат поголем инцидент во скопска градинка: Извадиле пиштол и нож спремни за пресметка
-
Избегнат сериозен инцидент: Стотина полицајци се обидоа да се конфронтираат со #Бојкотирам, спречувајќи ги да протестираат пред Влада!
-
Инцидент на Тур де Франс, полициски солзавец ја прекина трката (ФОТО)
-
Инцидент на средбата Трамп-Путин (ВИДЕО)


