| четврток, 6 декември 2018 |

На „Браќа Манаки“ ќе има јавен разговор со Милчо Манчевски

Milco Mancevski

Во годината кога се навршуваат 20 години од премиерата на „Пред дождот“ и кога Друштвото на филмски професионалци на Република Македонија заслужено му ја доделува наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на Милчо Манчевски – нашиот најуспешен филмски режисер – се вклучува уште еден специјален настан во дополнителната програма – јавен разговор со Манчевски.

Настанот ќе го модерира филмскиот критичар и уметнички директор на ИФФК „Браќа Манаки“, Благоја Куновски-Доре, на 19 септември во малата сала на Центарот за култура од 15 часот. Гледачите ќе имаат ретка можност да поразговараат лично со единствениот македонски добитник на „Златен лав“ во Венеција и кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, за барем една од неговите бројни уметнички преобразби – фотографија, видеоспотови, реклами, филмови, кратки раскази.

Првпат ќе биде прикажан на големото платно во Македонија и неговиот кус филм „Четврток“ кој, освен што имаше светска премиера на отворањето на Филмскиот фестивал во Венеција, пред извесно време беше награден на 44. издание на фестивал во САД што се одржа во Далас, Тексас.

Освен Манчевски, деновиве во Битола ќе биде присутна и Лабина Митевска, актерка од филмот „Пред дождот“, а најавено е доаѓањето на главниот актер, Раде Шербеџија, што ќе биде убав повод да се обедини екипата после толку години и да се обележи јубилејот на веројатно најголемиoт македонски филм досега.

Претходно, во соработка со Кинотеката на Македонија, публиката ќе има ретка можност на едно место да го погледне целокупниот опус на играните филмови на македонскиот режисер „Прашина“ (2001) на 14 септември, „Сенки“ (2007) на 15 септември, „Мајки“ (2010) на 16 септември, „Пред дождот“ (1994) на 18 септември.

Сите проекции ќе се одвиваат во малата сала на Центарот за култура од 22 часот и уште сега постои огромен интерес меѓу публиката.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top