Се уште актуелната премиерка на Словенија, Аленка Братушек, се очекува да го добие местото на Штефан Филе и да стане нов еврокомесар за проширување во новиот Колеџ на комесари на Европската унија предводен од Жан-Клод Јункер. Братушек е единствената од тројцата кандидати, заедно со Тања Фајон и Карл Ерјавец, која по предлогот на словенечката Влада во заминување, новиот претседател н Европската комисија, Јункер, одбра денеска да ја интервјуира.
Според информациите од Еврокомисијата, Словенија и Хрватска, пак, се единствените земји што се заинтересирани за комесарското место за проширување од сите 28. земји-членки на ЕУ, со тоа што Хрватите, чиј комесар и во новиот состав на ЕК ќе биде Невен Мимица, биле одбиени поради поврзани интереси со Србија и Босна и Херцеговина, кои се земји-кандидати за членство во Унијата. Она што е сигурно е дека местото комесар за проширување ќе постои и во следните пет години и покрај тоа што е познато дека до 2020 година, ЕУ нема да прими нова земја за членка.
Портпаролката на Јункер, Наташа Берто, потврди дека новиот претседател на ЕК, денеска ги започна интервјуата со кандидатите за комесар предложени од земјите-членки на Унијата и дека првичниот список со избраните ќе биде објавен најдоцна за една седмица. Она што дефинитивно отпаѓа, а поради перспективата на земјите од Западен Балкан и на оние од Источното партнерство е исфрлање на местото комесар за проширување, при што во моментов во официјален Брисел се разгледуваат две опции.
Првата идеја е ресорот за проширување да го води потпретседател на Еврокомисијата, што се очекува да биде Братушек. Но, поради ситуацијата во Украина, се очекува да се подели ресорот “соседство” кој сега го води Филе заедно со проширувањето, па дел од истото да замине во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), а дел да остане со проширување. Предлогот е да има комесар за проширување и источно соседство каде би влегле земјите од поранешната советска држава.
Втората опција е да има комесар за поширока Европа, што ќе ги вклучува земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, како и источно-европските земји. Во тој прилог оди и податокот дека во ЕК веќе е почнато спојувањето на Генералниот директорат за проширување со канцелариите за надворешни односи во Комисијата.
Во однос на идните комесари, и покрај инсистирањето на Јункер да има што повеќе жени-кандидатки, засега, наследникот на Жозе Мануел Барозо има само пет сигурни припаднички на понежниот пол за во идниот Колеџ на комесари. Покрај Братушек, нови еврокомесарки ќе бидат и Федерика Могерини (Италија), Сесилија Малстром (Шведска), Кристалина Георгиева (Бугарија), Маргрет Вестагер (Данска) и Вера Јурова (Чешка). Последната е актуелен министер за регионален развој на Чешката република и е предложена од својата земја како наследник на досегашниот комесар за проширување, Филе.
Шанса да влезат во ЕК имаат уште две жени-кандидатки на своите земји: Лилиен Плумен (Холандија) и Елжбиета Бјежковска (Полска). Но, од Холандија се предложени и актуелниот претседател на Еврозоната, Жером Дајселблум и министерот за надворешни работи Франц Тимерманс. Двајца кандидати, од кои едната жена, има и Романија. Покрај актуелниот еврокомесар за земјоделство, Дачијан Чиолош, Романците ја предлагаат и европратеничката Корина Крету.
Доколку не предложи најмалку девет жени за комесари (колку што има во сегашниот состав на Барозо), Јункер е под закана од претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц дека европскиот законодавен дом, кој е колегислатор за составот на Европската комисија заедно со Европскиот совет- нема да го изгласа предлогот за Колеџот на комесари.
Што се однесува, пак, до останатите 17 предлози за комесари на земјите со кои ќе преговара Јункер и се очекува да влезат во ЕК, тоа се: Димитрис Аврамопулос (Грција, актуелен министер за одбрана), Карлос Моедас (Полска, актуелен државен секретар, Гинтер Ојтингер (Германија, актуелен еврокомесар за енергетика), Јоханес Хан (Австрија, актуелен еврокомесар за регионална политика), Христос Стилијанидис (Кипар, европратеник), Невен Мимица (Хрватска, актуелен еврокомесар за потрошувачка политика), Мигел Аријас Кањете (Шпанија, европратеник), Андрус Ансип (Естонија, поранешен премиер), Јурки Каитанен (Финска, поранешен премиер), Тибор Наврачич (Унгарија, актуелен министер за надворешни работи), Фил Хоган (Ирска, член на кабинетот на премиерот Кени), Валдис Домбровскис (Летонија, екс-премиер), Витенис Андриукаитис (Литванија, актуелен министер за здравство), Кармену Вела (Малта), Џонатан Хопкин-Хил (Велика Британија, актуелен претседател на Куќата на Лордовите) и Марош Шевчович (Словачка, актуелен еврокомесар за институциски односи и администрација).
Новиот претседател на Европската комисија, Јункер, се очекува овие два дена да ги заврши разговорите со кандидатите за комесар и на 8 или 9 септември да излезе со список на имиња кои ќе влезат во 28-члениот состав на Колеџот на комесари. Според неговата портпаролка, Берто, позициите кои посочените кандидати ќе ги добијат ќе бидат избрани дополнително. До крајот на овој месец, се очекува Јункер и неговиот комесарски состав да поминат низ филтерот на Европскиот совет, а потоа и на гласање во Европарламентот, по што од 1. ноември и официјално би ги презеле позициите во неформалната Влада на Европската унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


