Претседателството на Германско-македонското друштво синоќа одржа средба по повод заминувањето на македонската амбасадорка во Берлин Корнелија Утевска-Глигоровска од функцијата, која официјално ќе ја извршува до 30 август, пренесе „Дојче веле“. За досегашната заедничка работа, на Утевска-Глигоровска, која по службена должност беше вицепретседател на Друштвото, ѝ е доделено почесното членство. Таа и во иднина, по враќањето во Скопје, ќе биде своевиден мост и ќе се ангажира за афирмирање на Македонија преку соработката меѓу двете друштва од Скопје и Берлин.
Изминативе четири години во Берлин, амбасадорката ги оквалификува како „убаво, но не и лесно време, секако од аспект на очекувањата што се имаат од Германија“. Таа едновремено забележи дека регионот и Македонија во иднина треба да добијат поголема поддршка од Германија, зашто факт е дека во изминативе години не биле во фокусот на политички Берлин.
И претседателот на Друштвото Валтер Колбо јасно кажа дека „ангажманот на германската политика во Друштвото и околу Македонија е недоволен. Жешките точки во светот се на други места. Но, посакуваме добра и што поскора замена на испразнетата амбасадорска позиција“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


