| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската гајда поавтентична од шкотската

gajda

Доајенот Пеце Атанасовски ја прослави македонската гајда на светско ниво кога ја освои титулата првак на гајда во 70-тите години во Ериче, Италија. Но оттогаш многу малку имаме направено да создадеме култ кон гајдата како што тоа го направија Шкотланѓаните. Ние имаме толку сувенирници, а немаме ниту еден сувенир или разгледница со гајда и гајдаџии. Токму од Шкотска со овие зборови се врати виртуозот на речиси сите изворни инструменти Стефче Стојковски. Тој со уште четворица членови од ансамблот месецов имаа три настапи на еден од најголемите гајдаџиски светски фестивали „Пајпинг лајв“ во Глазгов. Тие се први од Македонија што учествувале на реномираниот фестивал на кој имаше над 8.000 гајдаџии од 26 земји и 50-илјадна публика.

– „Пајпинг лајв“ е еден од најголемите светски фестивали за гајда и тоа е големо признание за она што го работаме. Свиревме програма со која настапуваме насекаде – изворни песни и ора во помодерни аранжмани, облечени во изворни носии. Шкотланѓаните се многу дружељубиви и како народ се многу блиски до нас. Мошне пријатно се чувствувавме во Шкотска – вели Стојковски за Дневник.

Стојковски додава дека таму имаат огромен култ кон гајдата и почит кон секој што свири гајда за разлика од кај нас.

– Затоа шкотската гајда е толку популарна. Не дека македонската гајда не е популарна благодарение на луѓе што работеле пред мене. како што е доајенот Пеце Атанасовски, кој ја има промовирано на светско ниво. Но тоа не е доволно да се направи еден култ и традиција во светски рамки за да се знае дека гајдата во Македонија постои речиси 3.000 години. Иако немаме пишани документи кога е направена првата гајда, имаме важни докази по фреските, по карпестите уметности уште во ранохристијанскиот период, што значи дека и во времето на Александар се свиреле гајди, тапани, кавали – објаснува Стојковски.

Според него, македонската гајда е специфична и никаде на друго место не се сретнува таква.

– Шкотската гајда, на пример, има три брчала, но и други народи имаат гајди со повеќе брчала. Ние имаме едно брчало и едно т.н. сворче. Македонската гајда е автентична и е бренд.

Тој објаснува дека е жалосно што и покрај тој податок, оние што свират на изворни инструменти не се стимулирани да работат дома. Според него, во ситуација кога имаме национални ансамбли што ги финансира државата, не смее да ни се случи отворање на манифестацијата „Град на културата“ да ни свири Теодосиј Спасов од Бугарија без разлика што тој е врвен музичар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top