| четврток, 6 декември 2018 |

Три козметички производи што не би требало да ги користите

нега

Доколку мислите дека сите козметички производи кои се наоѓаат во продажба се безбедни за вашето здравје – се лажете. Иако негативниот ефект нема да се јави веднаш, долготрајно користење на одредени производи може лошо да се одрази на здравјето.

Антибактериски сапун и гел за туширање
Течниот сапун за раце и геловите за туширање кои имаат назив антибактериски, многу често содржат состојка наречена триклосан, која се поврзува со отпорноста на антибиотици и појавата на хормонски пореметувања. Истата состојка е присутна и во некои забни пасти и производи за орална хигиена. Антибактериските производи кои содржат триклосан ги убиваат и корисните бактерии, а истражувањата до сега не успеаа да пронајдат здравствена корист од антибактериските производи. Според зборовите на научниците, дури и пожелна е мала доза на нечистотија, бидејќи тоа е добро за имунолошкиот систем. Од друга страна, FDA ги предупреди производителите дека во наредните години ќе мора да докажат дека производите кои содржат триклосан се поефикасни од обичните сапуни во спречувањето на болестите и намалувањето на ширењето на зарази или во спротивно ќе мора да ја променат формулата.

Класичниот антибактериски сапун исто така може да содржи слична хемикалија која се вика трихлоркарбан која исто така треба да се избегнува. Наместо тоа, подобро е да се користат сапуни и гелови со природни антимикроби.

Пилинзи за тело и лице со микрогранули
Овие минијатурни пластични зрнца се додаваат во геловите за тело и лице за полесно да се отстранат мртвите клетки. Неодамнешните истражувања покажаа дека овие микрогранули успешно проаѓаат низ филтрите за вода и завршуваат во реките и езерата. Оваа синтетичка состојка е забранета во Илиноис, а и други сојузни држави во Америка одат во оваа насока. Освен ова, дерматолозите предупредуваат дека пилинзите со ваквите микрогранули можат да го изгребат лицето и да предизвикаат негова иритација.

Сите производи кои содржат парабен
Овој конзерванс може да се најде во голем број производи, од шампони, сапуни, до лосиони, а го користат за продолжување на рокот на траење. Но, парабенот исто така се апсорбира во нашето тело, а според истражувањата – се поврзува со хормонски пореметувања и некои облици на карцином. Парабените се врзуваат на естрогенските рецептори и претставуваат потенцијална опасност за здравјето, бидејќи се складирани во телесните масти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top