Москва се откажа од радиоелектронскиот центар во Лурдес во 2001 година бидејќи немаше средства за комплекс што е оддалечен од Москва десет илјади километри, а, исто така, и за да им излезе во пресрет на барањата на Вашингтон. Сега руските власти сметаат дека е потребно да се вратат во центарот што се наоѓа на само 250 километри од крајбрежјето на САД. Токму тој центар му овозможуваше на СССР да ги контролира радиоврските и телефонските врски на значителен дел од територијата на „потенцијалниот противник“. Информацијата дека Русија се враќа во Лурдес ја потврдија неколку извори во владината структура на Руската Федерација. Москва ги почна преговорите со Хавана уште пред неколку години, но ги интензивираше на почетокот од оваа година (руските војници неколку пати се сретнаа со кубанските колеги) и во текот на следните неколку месеци успеаја да ги решат сите прашања. Договорите се финализирани при посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Хавана. Тогаш беше објавено дека Москва отпишала 90 проценти од кубанскиот долг, во износ од околу 32 милијарди долари.
Тешко е да се оцени значењето на договорот за центарот во Лурдес. Сè уште се очекува официјална изјава од руското Министерство за одбрана и од Генералштабот, кој ќе раководи со центарот.
Радиоразузнавачкиот центар во Лурдес беше активиран во 1967 година, прво под управа на СССР, а потоа на Руската Федерација до 2001 година. Потоа, Москва се откажа од него бидејќи немаше средства да го финансира и за да задоволи некои од барањата на САД. Одлуката за враќање на Куба може да се препише на подобрената финансиска ситуација на Руската Федерација и на влошените односи со САД.
– Нашите односи се влошија пред Украина. Никогаш не ни биле хармонични, со исклучок на некои кратки периоди – изјави функционер кој е запознат со преговорите.
Друг функционер смета дека мотивите на Москва се тоа што САД го игнорираа нивниот гест на добра волја. Затоа, според висок извор од руското Министерство за одбрана, Москва со право може да го реанимира проектот и да го зајакне својот ешалон од разузнавачки служби.
Објектот во Лурдес беше најмоќен советски центар за радиоелектронско следење надвор од земјата.

Сегашниот лидер на Куба, Раул Кастро, еднаш изјави дека Москва добива дури 75 проценти од информациите за САД преку Лурдес. Таа бројка, најверојатно, е нереална, но, сепак, овој комплекс, кој се наоѓа на само 250 километри од брегот на САД, овозможува контрола врз радиосигналите на голем дел од територијата на „потенцијалниот противник“. Неговата важност денес е уште поголема бидејќи Русија не располага со сигнали за надзор од вселената како Советскиот Сојуз и има неспоредливо помал број поморски разузнавачки објекти.
Според некои извори, руските сили нема да бидат застапени во базата во истата количина како порано. За време на СССР во комплексот служеле 3.000 експерти, а во деведесеттите години на минатиот век – 1.500. Технологијата оттогаш бележи значаен подем, што доведе до намалување на потребата од толкав кадар.
Цената за повторна активација и опремување на центарот уште не е позната. Од 1992 година Москва ги користи капацитетите бесплатно.
Во ноември истата година е потпишан договор за постојан радиоелектронски центар на територијата на Република Куба, според кој Москва може да го изнајмува објектот до ноември 2000 година, ветувајќи дека ќе плати 90 милиони долари во 1992 година, 160 милиони долари во 1993 година и 200 милиони долари од 1996 до 2000 година. Всушност, Русија не плаќаше во валута, туку преку испораки на храна, дрва, гориво, нафтени деривати, воена технологија и резервни делови. Куба имаше право на пристап до информациите кои се добиваа од центарот, а кои се однесуваа на нејзината државна безбедност. Москва плаќаше и 100 милиони долари годишно по основа на дополнителни трошоци.
Во јули 2000 година претставници од Конгресот на САД го одобрија т.н. акт за руско-американска доверба и соработка, според кој Белата куќа доби забрана за реструктуирање на рускиот долг дури не се затвори објектот во Куба. Во 2001 година, Руската Федерација донесе одлука да го напушти Лурдес (а потоа и виетнамската воена база Кам Ран). Последната група руски експерти го напуштија центарот во 2002 година. Дел од неговата инфраструктура потоа се користеше како колеџ за информациска технологија.
– Враќањето на Русија во Лурдес е повеќе од оправдано. Капацитетот на руската служба за сателитско и за радиоразузнавање не е како некогаш. Близината на центарот до американско тло ќе им овозможи на руските војници да работат без да имаат потреба од вселенски ешалон – изјави Виктор Мураховски, воен експерт и пензиониран полковник.
Според генерал Вјачеслав Трубников, член на советот на Центарот за политички истражувања и поранешен директор на руската Странска разузнавачка служба, Лурдес бил очите на Советскиот Сојуз на западната хемисфера.
– Неговото губење влијаеше врз нашето разбирање на процесите кои се одвиваа во регионот. За Русија, која денес ги штити своето легитимно право и место во светот, центарот во Лурдес е подеднакво важен како што беше некогаш за СССР – додава Трубников.
Путин ги повика земјите од БРИКС да осмислат мерки против САД и нивните сојузници
Русија има намера да им предложи на партнерите од БРИКС да осмислат колективни мерки против „хајката“ која САД и нејзините сојузници ја вршат употребувајќи санкции.
– Уште едно важно прашање кое планираме да го покренеме на самитот на БРИКС е поврзано со сè почестите случаи на масовна примена на еднострани санкции – изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Тој изрази благодарност до земјите од БРИКС, кои на разни начини го осудија воведувањето санкции на Русија од страна на САД и нивните сојузници.
– Треба да извлечеме и конкретни заклучоци од тоа што се случува. Треба заедно да осмислиме систем мерки што би ја оневозможиле „хајката“ на земји кои не се согласуваат со одредени надворешно-политички одлуки на САД и нивните сојузници и кои би придонеле кон водење цивилизиран дијалог за сите спорни прашања преку меѓусебна почит – нагласи рускиот лидер.
Путин: Русија ќе ги брани своите интереси во светот
Од 30 јуни до 3 јули во Министерството за надворешни работи во Москва се одржа конференција на амбасадорите и постојаните земји-членки на Руската Федерација. Главен настан на собирот беше говорот на претседателот Владимир Путин.
Во своето излагање пред дипломатите, рускиот лидер ја продолжи линијата што ја почна во пролетниот говор пред Федералното собрание. Главна теза на неговиот говор беше дебаклот на еднополарниот модел на светски поредок. Според зборовите на Путин, моменталната светска политика е сè понепредвидлива, старите конфликти повторно се разгоруваат, а се појавуваат и нови.
– На мапата има сè повеќе региони кои хронично имаат треска. Европа, Блискиот Исток, Средниот Исток, Јужна Азија, азиско-пацифичкиот регион и Африка страдаат од недостиг на сигурност – рече Путин.
Највпечатлив пример е кризата во Украина. Претседателот уште еднаш ги објасни причините поради кои Русија е вовлечена во кризата. Нагласи дека во Украина се загрозени Русите, нивниот јазик, историја, култура, а, освен тоа, и безбедноста на Русија била доведена во прашање.
– Какви реакции, притоа, очекуваа нашите партнери според тоа како се одвиваа случувањата во Украина? Се разбира дека немавме право да ги оставиме жителите на Крим на милост и немилост на воените националисти и радикали, не можевме да дозволиме да ни го ограничат пристапот до водите на Црно Море – додаде тој.
Путин вети дека Русија и натаму ќе ги штити правата на Русите во странство користејќи го целиот арсенал средства: од политички до економски. Не ја исклучи ниту можноста за спроведување хуманитарна операција. Набљудувачите тоа го оценија како отворено предупредување на украинските власти, кои ја обновија воената операција во југоисточните делови на државата, каде што претежно живее руско население.
Рускиот претседател стави посебен акцент на потребата од градење меѓународни односи засновани на рамноправност и меѓусебна почит.
– На оние што и натаму изјавуваат дека имаат исклучително право, не им се допаѓа независната политика на Русија. Случувањата во Украина го потврдија тоа. Но, потврдено е и дека моделот на меѓусебни односи со Русија, кој изобилува со двојни стандарди, едноставно не функционира – нагласи Путин.
Москва се насочува кон Истокот
Не е тешко да се замисли на која држава алудираше Путин во својот говор. Сепак, говорејќи пред дипломатите, претседателот истакна дека Русија нема намера за ги „затвори“ односите со САД. За тие да се подобрат, Вашингтон мора да ги води работите рамноправно.
– Можно е и треба да бараме допирни точки, да се гледаме не само како меѓусебна конкуренција, туку и како партнери – нагласи шефот на државата.
Рускиот лидер беше малку поголем оптимист по прашањето за развој на контактите со Европа.
– Европа е наш природен и најважен трговско-економски партнер. Тежнееме кон појава на нови можности за зајакнување на деловната соработка. Секогаш сме важеле за сигурен снабдувач на енергетски ресурси и за инвеститори во гасната инфраструктура – изјави Путин.
Меѓутоа, судејќи според изјавите на Путин, односите со Западот и натаму се крајно договорни. Поради тоа, Русија мора да посвети посебно внимание на односите со соседите, пред сè со Белорусија и со Казахстан, како и со Азија и со Латинска Америка.
– Може да се каже дека на меѓународната сцена моментално постои цврста руско-кинеска дипломатска врска – истакна Путин.
Според изјавата на Михаил Маргелов за „Руски весник“, претседателот на одборот на Советот на Федерацијата за меѓународни работи, последните случувања ја зголемија потребата Русија да ги зајакне своите надворешно-економски можности за сметка на Истокот.
– Всушност, ја забрзаа бидејќи идејата за посета на Владимир Путин на Кина постоеше долго пред украинската криза. А, разни планови за економските врски на Русија со азиско-пацифичкиот регион постојат најмалку десет години. Русија влезе во сложениот систем на држави од Далечниот Исток и од Југоисточна Азија благодарение на нејзината единствена геополитичка позиција меѓу центрите на светската економија. Овде не станува збор за заминување од Европа, туку за геоекономска одлука – објасни Маргелов.
Александар Коновалов, претседател на Институтот за стратешка оцена, се согласува дека Русија ќе ја зајакнува соработката со Кина и со азиско-пацифичките држави. Според него, зголемувањето на негативните чувства кон Западот не би било целисходно.
– Во односите со Западот треба да почне да се обновува тоа што и едната и другата страна го уништија во изминатите месеци. На Русија воопшто не ѝ е од полза воведување трета фаза санкции која ќе им зададе удар на нашите банки, енергетиката и одбраната. Освен тоа, можна е појава на неочекувани алијанси, како што се САД-Русија-Иран против сунитските радикали. Нова тенденција е тоа што Москва почна да испорачува воени авиони во Ирак, што Вашингтон не го прифати со задоволство – истакна Коновалов во разговор за „Руски весник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


