| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието ги прифати измените и дополнувањата за четири закони, во прво читање

Пратениците на денешната 10. собраниска седница заклучија дека се прифатливи измените и дополнувањата во прво читање на законите за високо образование, за семејства, за земјоделско земјиште и за договорен залог.

Со дополнувањата на Законот за високо образование се предвидува обврска Министерството за образование и наука секоја година да обезбедува преведена и печатена стручна литература – 50 универзитетски учебници кои се применуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа.

Со измените, образложи заменик-министерот за образование Спиро Ристовски, се создава законска обврска секоја година Министерството во соработка со Универзитетот, најдоцна до 15 септември да се усвојува листата од по 50 учебници, кои што ќе бидат употребувани и соодветно на тоа студентите во Македонија ќе добијат учебници со кои ќе го надоградуваат своето знаење како и студентите од најреномираните светски универзитети.

Забрзување на процедурата за посвојување деца, давање подолги рокови за премислување на родителите што ги напуштиле своите деца, како и зајакнување на капацитетите на институциите и вработените вклучени во процесот и казни доколку не постапат согласно законот и роковите, се дел од измените и дополнувања на Законот за семејство, кои ги појасни министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Со овие измени, нагласи тој, треба да се  унапреди целокупната постапка за посвојување на деца без родители и родителска грижа. Со скратувањето и дефинирањето на роковите, подвлече, на малолетното дете ќе му се овозможи позитивна средина за развој во новото семејство на можните посвоители.

Измените предвидуваат детето да може да биде сместено во семејство на можни посвоители по девет месеци откако е утврдено дека не се знае престојувалиштето на неговиот родител. Претходно, тој рок изнесуваше 12 месеци, што значи дека периодот во кој може да почне посвојувањето е скратен за три месеци. Се намалува и рокот во случај кога не е потребна согласност од родител, за дете кое една година е сместено во институција или друго семејство и кој не пројавил интерес за детето, од една година на девет месеци. Се утврдува и обврска на Центарот за социјални работи за секое дете кое ќе биде сместено во институција или во друго семејство да го информира Заводот за социјални дејности кој ќе врши надзор над стручната работа на Центарот за социјални работи. Обврска на социјалната инспекција е да направи надзор доколку од страна на Заводот бидат утврдени неправилности во Центарот за социјална работа, а се воведуваат и парични глоби за непочитување на предвидените рокови кои се утврдени во законот.

Се предвидува и намалување на роковите за постапување на надлежните институции и комисии кои се вклучени во постапката за посвојување на деца без родители и родителска грижа со цел, како што истакна Спасов,  да се обезбеди најсоодветна и најдобра заштита на интересите на децата. Континуирано ќе се следат можните посвоители и по извршениот упис во регистарот, а ќе се допрецизира постапката во делот на обновување на потребната документација.

– Се зголемува рокот од шест недели на три месеци во кој родителот ја дава согласноста детето да може да биде дадено на посвојување со цел да му се даде можност на Центарот за социјална работа преку стручна работа со родителот да изнајдат најдобро решение за натамошниот раст и развој на детето или да успеат да го убедат родителот да го задржи своето дете, рече Спасов.

Се кратат повеќе рокови во постапката за посвојување. Се намалува од 15 на 10 дена рокот во кој Центарот за социјална работа треба да го достави наодот со предлог за упис во регистарот за можни посвоители до Комисијата на стручниот тим и поединечните членови од стручните тимови. Се дефинира рок од 30 дена во кој Комисијата треба да донесе одлука за впишување во Регистарот, а во исто време од 30 на 15 дена се намалува и рокот во кој Комисијата за засновање на посвојување треба да изврши упис на детето како можен посвоеник.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски ги појасни измените во Законот за земјоделско земјиште, чија  цел е, истакна, поголема транспарентност и објективност во постапките за доделување државно земјоделско земјиште. Како дел од измените се воведува електронско наддавање за земјоделско земјиште, ќе се формира Комисија во чиј состав ќе има претседател, четворица членови и нивни заменици, а ќе се бара и дополнителна документација за подмирени давачки кон државата во делот на закупот на земјоделското земјиште.

Според пратеникот Љупчо Димовски земјоделството во Република Македонија во изминатите години бележи позитивна трансформација и се развива со крупни чекори, не претставува периферна дејност, туку профитабилна дејност која, меѓу другото, отвора нови работни места.

Дополнувањата на Законот за договорен залог се прават не само за подобрување на деловната клима за подобар пристап до кредити, туку, како што истакна заменик-министерот за правда Билјана Бришкоска-Бошковски, и за да се обезбеди компатибилност со другите правни системи од ЕУ по однос на ова прашање.

Собранието утре ќе продолжи по точките од дневниот ред на 10-та седница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top