| четврток, 6 декември 2018 |

Андоновски: Публиката цени кога се пее од душа

Dimitar-Andonovski-rep97-1

„Се чувствувам како да ми се родило дете“, вака македонскиот пејач го опиша објавувањето на неговиот прв албум. Долгогодишната работа на Димитар Ан­доновски на музичката сцена, конечно, донесе и сту­диски албум, во кој се собрани песни кои ѝ се добро познати на публиката, на­градувани на фестивалите и вртени на радиостаниците.

Промоцијата на „Ова небо знае сѐ“ е почеток на успешен и исполнет период за младиот пејач.

Новата песна на Андоновски „Само тоа го можеш ти“ само што излезе од студиото на Лазар Цветкоски, а тој веќе доби уште едно признание за третопласираната „Ако ме боли“ од „Скопски фестивал“.

По Тијана Дапчевиќ и Калиопи, Андоновски е третиот Македонец што ја освоил наградата „Златна сирена“, прва награда на летниот фестивал „Сунчане скале“ во Херцег Нови.

– Исклучително драга награда. За Црна Гора заминав без никакви очекувања, сѐ уште сум под импресии од промоцијата на мојот прв албум. Со мојот тим очекувавме дружба и уживање во вечерта, но излезе прво место – вели Андоновски.

Веднаш по прославувањето на 20-годишнината од фестивалот „Сунчане скале“, пејачот замина на реномираниот фестивал „Славјански базар“ во Белорусија.

Руската евровизија, како што ја нарекуваат, 23. година по ред ќе ги собере на едно место народите од славјанско говор­но подрачје и ќе ги обедини преку нивната музика. Андоновски се радува на тоа дека ќе настапи пред 10-илјадна публика, како и на придружбата на голем ревиски оркестар.

– Возбуден сум бидејќи е голема честа да се нас­тапува на еден од најголемите европски фести­вали. Не одам со цел да победам, но верувам во своите песни. Сепак, „Ако ме боли“ нуди емоции во кои секој би се препознал, без разлика дали го разбира текстот. Кога пееш од срце и од душа, публиката го чувствува и, пред сѐ, го цени тоа – вели Андоновски.

Покрај веќе проверената „Ако ме боли“, дело на Лазар Цветковски и на Милан Миланов, Димитар ќе ги изведе и баладата „Утре е нов ден“ на неговиот колега и пријател Дарко Илиевски, како и песната „Feelnig good“ во верзијата на Мајкл Бубле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top