| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Државата е подготвена за предизвиците

Протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира. Во државата има институции кои функционираат и се справуваат со предизвиците. Оттаму надлежните институции преземаат се што е потребно за да спречат какви било појави на насилство, изјави денеска во Охрид претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во врска со протестите за пресудата за случајот „Монструм“ и повеќекратното убиство кај Смилковското eзеро.

Gjorge-Ivanov-int80-1

– Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Оној кој се сомнева во каква било дејност или активности на одредена институција може тоа преку инситуционален пат да го оствари, тоа се однесува и на пресудата за случајот „Монструм“. Мора да оставиме судовите тоа да го сработат, по случајот да се произнесе и Апелација. Секој кој може со сознанија да придонесе за расчистување на случајот или да влијае врз пресудата доколку нешто е противправно, може да го направи тоа, но насилството како начин за остварување одредени цели секојпат се осудува, истакна тој.
Претседателот Иванов појасни дека постојано е во контакт, во координација, со сите надлежни институции за сите активности што се преземаат за актуелната ситуација, нагласувајќи дека службите одговорно ја вршат работата и ги доставуваат анализите за што, како што истакна, јавноста благовремено ќе биде известена.

– Имало и ќе има такви настани, но не смееме да дозволиме страв кај населението и недоверба во институциите. Граѓаните ни ја дале довербата и ние сме одговорни пред нив да ги преземеме сите активности за да не дозволиме да се случуваат насилни акти во државата, рече Иванов, притоа укажувајќи дека едни исти лица ја користат вознемиреноста кај населението за да освојуваат дневнополитички поени.

За начинот на кој по однос на пресудата за случајот „Монструм“ реагираа одредени кругови од политичката јавност во соседството, пред се во Тирана и Приштина, Иванов забележа на потребата претходно да се имаат сите сознанија, па да се даваат какви било реакции.

– Со такви акти како палењето на знамето во Косово, тие повеќе си наштетуваат себеси затоа што сликата за Косово ја пренесуваат низ светот, а сите знаат што Македонија направи за остварувањето на државноста на Косово. Така што сите такви насилни акти како палењето на знамето, оди на нивна штета и ќе се одразува на начинот како врз нив ќе гледаат во светот, истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов денеска беше во работна посета на Центарот за обука на вода на Охридското Езеро, каде се спроведуваат подготовки за воено-показната вежба што на 16-ти овој месец ќе се спроведува на Охридското Езеро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top