| четврток, 6 декември 2018 |

Бизарни барања и поплаки на туристите

На сите ни се случило да сме се жалеле на чистотата на хотелската соба или базенот, но ретко некој се жалел на „премногу сончева плажа поради која си го уништиле маникирот“.

Токму таков приговор дале клиенти на британската туристичка агенција „Оподо“.

На стартот на летото агенцијата објави листа на најбизарните барања и поплаки кои ги примиле од своите клиенти.

Така, една дама се пожалила дека во Мексико го оштетила својот маникир во текот на сончањето, бидејќи „на сончевата плажа покрај хотелот имало премногу песок“.

Иако знаат каде одат, во какви климатски услови ќе престојуваат и каква е традиционалната храна на земјата во која патуваат, туристите тоа не ги спречува да се жалат на тоа дека им било „премногу жешко“ или дека храната била „премногу зачинета“.

Некои веруваат дека туриситчките агенции можат да го контролираат и времето, па така еден двојка барала да им ги вратат парите бидејќи во текот на нивниот двонеделен меден месец на Малдивите „едно попладне врнело дожд, а ним им било кажано дека секој ден ќе биде сончев“.

Одењето во забавен парк се покажало како трауматично искуство за еден патник кој бил на патување во Флорида и го посетил паркот „Јуниверзал Студиос“. По враќањето од агенцијата си ги барал парите назад, бидејќи едно возење на тобоган во забавниот парк било „премногу страшно“.

Нервозна клиентка која патувала во Букурешт барала совет како таму „да се одбрани од вампири“.

Патниците имаат многу проблеми кога се разделуваат од своите миленици, па една жена барала нејзината мачка од товарниот дел на авионот да ја префрлат во прва класа, а еден маж од Бразил сакал да знае дали му треба пасош за неговиот питон кој сакал да го врати во Амазон.

На некои итно им е потребен атлас и лекции од географија. Патник. чиј повратен лет од Велика Британија за Мајами бил откажан, ја прашал агенцијата дали наместо тоа за САД може да отпатува со возот „Евростар“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top