| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за труд и социјална политика обезбеди 500 помагала за слепи лица

slepi

Со цел подобрување на секојдневието на слепите лица денска Министерството за труд и социјална политика донираше 500 тифло-технички помагала: говорни топломери и часовници, браеви ваги за домаќинството, говорни апарати за мерење пристисок, како и пакети на игли за шиење и вденувачи за конец за игли.

За овие помагала, како што нагласи министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, од Министерството се издвоени 800.000 денари.

– Многу малку од нас се прашуваат како слепите лица дознаваат колку е часот или како ја мерат грамажата во сопствените кујни и како го мерат својот крвен притисок или телесна температура кога не се чувствуваат добро, токму поради тоа ги набавивме овие помагала од коишто имаа потреба слепите лица и кое беше долгогодишно барање на Националниот сојуз на слепи за континуирана набавка на опрема којашто ќе траба да им го олесни секојдневието на овие наши сограѓани и едноставно да изнуди насмевки на нивните лица – истакна Спасов.

Тој додаде дека Министерството и понатаму ќе продолжи со реализација на најразлични проекти, нагласувајќи дека додатокот на слепило од 7.000 денари месечно, кој беше воведен од страна на Владата на Р. Македонија моментално го остваруваат околу 2.500 потполно слепи лица во Р. Македонија.

– Овој додаток навистина им е од големо значење, дополнително сите слепи лица остваруваат надоместок за помош и нега од трето лице, а исто така продолжуваме и со низа активности, односно очекуваме некаде до септември да биде отворен и првиот Дневен центар за слепи дечиња во Скопје, а потоа во 2015 година се планира и отворање Дневен центар за слепи и во Велес – најави министерот Спасов, додавајќи дека во моментов тече постапката на снимање на повеќе од 400 аудиокниги од најраличен карактер за слепи лица.

Претседателот на Националниот сојуз на слепи лица, Жарко Селковски, на примопредавањето на помагалата изрази задоволство од донацијата и рече дека тие се од големо значење бидејќи слепите лица ќе можат самостојно да ги користат.

– Верувам во огромното разбирање на министерот и на Владата и дека ќе ја  продолжиме соработката со Министерството за труд и социјална политика во набавка на други помагала, како и во други области, меѓу кои е и изградба на дневен центар, дом на слепи лица – рече Селковски.

Со цел  континуирано подобрување на животот на овие лица, освен изградбата на дневните центри, слепите лица ќе добијат и пешачки патеки за слепи лица од седиштето на Сојузот на слепи до централното градско подрачје, а ќе се иницира и законска измена со којашто ќе се создаде и обврска за општините во централните градски подрачја и градските паркови, кога ќе ги реновираат истите или кога ќе прават нови пешачки патеки, истите да имаат и дел којшто ќе биде наменет за слепите лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top